7.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кличко: На Путин му треба Украина, но без Украинци

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, беше гостин на телевизијата „Н1“ во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина.

Кличко зборуваше за актуелната ситуација во главниот град на Украина и остатокот од земјата, доаѓањето на американскиот претседател, Џо Бајден, начинот на кој Киев се справува со војната и намалувањето на изворите на енергија, како и за потенцијалните мировни преговори и крајот на војна.

„Помина една година од почетокот на руската агресија, но ова не е специјална операција, како што велат Русите, не е војна, туку тероризам. Уништени се илјадници градови и села, милиони луѓе се без домови и работни места, десет милиони Украинци ја напуштија Украина, а милиони се раселени во Украина.

Тоа е голема трагедија за целиот украински народ, но и за Европа. Никој од нас не можеше да ја очекува оваа најголема војна по Втората светска војна во Европа“, рече Кличко.

Тој се осврна и на денешниот говор на рускиот претседател Владимир Путин посочувајќи дека тоа е пропаганда.

„Русите зборуваат за специјална операција, за нацистите во Украина, велат дека им помагаат на Русите во Украина. Тоа е лага, јас сум најдобар пример. Јас сум половина Русин, мајка ми е Русинка. Живеат милиони Руси во Украина и сега се борат против руската агресија“, истакна тој.

„Тоа не е прашање на националност или религија, туку прашање на вредности. Ние не сакаме да живееме со Русите во руската империја, а главната цел на Путин е обновување на руската империја. Ние се бориме за подобра иднина за нашата земја. Русите никогаш не ја почитувале нашата желба да бидеме дел од европските семејства и затоа се води оваа војна“, додаде градоначалникот на Киев.

Тој тврди дека рускиот лидер планирал да ја окупира цела Украина во рок од неколку дена или недели и дека Украинците, всушност, го изненадиле целиот свет со својот отпор.

„Русите се борат за пари, а ние ги браниме нашите семејства, нашите деца, иднината на нашата татковина и имаме добра мотивација“, рече тој.

„Сакаме да го вратиме мирот во нашата земја. Русите повикуваат на компромис и решенија, но не разбираме што зборуваат. Не е решение да се откажеме од голем дел од Украина и да ѝ го предадеме на Русија. Русите излажаа кога ветија територијален интегритет и целина на нашата земја и повеќе од сигурен сум дека ќе победиме во оваа војна“, тврди Кличко.

Запрашан како мисли дека војната ќе заврши, Кличко рече дека тоа е добро прашање.

„Сите се прашуваат зошто Русите ги уништуваат животите на милиони луѓе во нашиот град. Овде живеат речиси четири милиони луѓе, прашањето е зошто Русите ја уништуваат критичната инфраструктура. Одговорот е едноставен, тие сакаат да предизвикаат депресија кај нашето население, а нашите граѓани да ја напуштат државата и да им ја препуштат на Русите“, убеден е тој.

„Одговорот е едноставен, на Путин му треба Украина, но без Украинци. Не е решение или компромис да ѝ се даде на Русија голем дел од Украина“, истакна Кличко.

„Единството е единствениот начин, затоа, ве молиме, останете со Украина и ќе сториме сè за да ги одвратиме руските напади и да ја запреме оваа војна“, рече тој.

На прашањето што мисли дека ќе се случи на 24 февруари, на првата годишнина од руската инвазија, Кличко одговори дека тоа е ден на трагедија.

„На тој ден сакаме да го потсетиме целиот свет и да се потсетиме на патриотите што ги дадоа своите животи за нашата независност, кои ја платија највисоката цена. Станува збор за илјадници Украинци, војници и цивили што загинаа во оваа бесмислена војна. Не ми се допаѓаат предвидувањата, но се надевам дека ќе биде ден без руски напади“, рече тој, пренесе „Индекс.хр“.

Спонзорирано: