11.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Северна Македонија е фактор на стабилност во регионот

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА кажа дека клучно прашање на Минхенската безбедносна конференција било безбедноста на Европа и тоа во светло на војната која се води во Украина.

-Северна Македонија покажа дека сме во моментов фактор на стабилност во Балканот, тука сме како членка на НАТО, второ, тука сме како земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и трето како земја која претседава со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во Европа. Оваа Минхенска безбедносна покажа неколку важни работи. Прво, дека НАТО, западните земји и ЕУ се пообединети од било кога. Второ претставниците и на САД, потпретседателката на Америка и канцеларот Шолц и претседателката на ЕК, како и другите лидери од Европа искажаа недвосмислена поддршка на Украина бидејќи таму не се работи само за напад на една држава врз друга држава, туку се работи за напад на посилна врз послаба држава и дека тоа доколку не се спречи и не и се помогне на Украина може да поттикне други држави, тоа да го направат во светот, кажа Ковачевски.

Тој истакна дека исклучително важна тема била и сајбер војната која се води.

-Таа е практично и дел од војната која беснее во Украина на која се изложени сите држави, особено државите од западниот свет и се знае веќе од кои држави доаѓаат тие сајбер, хибридни напади. Исто така, се разговараше за помошта која треба да се даде на државите кои се справуваат со овие сајбер напади, ние сме една од државите кои се изложени на сајбер напади меѓутоа не и единствена. Ако ги погледнеме медиумите, ќе видиме дека со тоа се соочуваат и Црна Гора, па и Германија претходно, Србија и други држави. Тоа секако ја истакнува потребата од меѓународна соработка, а токму Минхенската конференција беше место каде што беа 450 претставници, лидери на државите, претставници на невладиниот сектор, истакнати поединци коишто дискутираа и разговараа токму на овие теми, рече Ковачевски.

Тој додаде дека панелот за Западен Балкан бил одлична можност уште еднаш да се потенцира фактот дека веќе не е прашање дали земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ туку кога ќе станат дел од ЕУ.

-Многу отворено се разговараше за напредокот на државите во евроинтеграциските процеси, Балканот не е таков каков што изгледаше во деведесеттите години. Албанија, Северна Македонија, Словенија, Хрватска, ако зборуваме за земјите од бивша Југославија, Црна Гора се веќе земји членки на НАТО. Црна Гора, Албанија, Северна Македонија, Србија, ги имаат отпочнато преговорите со ЕУ. Се работи за еден друг амбиент кој во моментов го имаме. Регионот се перцепира како стабилен и особено Северна Македонија како држава која е фактор на стабилност во регионот. Зошто? Ќе потенцирам уште еднаш, ние сме земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и земја која претседава со ОБСЕ меѓутоа и држава којашто после она што го помина во почетокот, во касните деведесетти и во 2001 година, сме земја којашто е учесничка во Берлинскиот процес, земја од Отворен Балкан. Тоа се практично организации и процеси кои ја јакнат и ја унапредуваат регионалната соработка, односно слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги и уште еден многу важен фактор, а тоа е дека Северна Македонија е депонент, држава, односно нашето МНР на договорите коишто се потпишаа во Берлинскиот процес. Дополнително на самата дискусија која се водеше, практично Северна Македонија беше како пример којашто низ добрососедски односи, низ дипломатски напори успеа да ги реши големите проблеми кои ги имаше и сега да напредува во европските интеграции. Претходно да стане и земја членка на НАТО, заклучи Ковачевски.

Спонзорирано: