13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Зеленски се појави уморен на самитот во Минхен, Макрон порача дека Европа мора да биде подготвена за продолжен конфликт

Пред точно 365 дена, на 19 февруари 2022 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски излезе на сцената на безбедносната конференција во Минхен во костум и вратоврска, а во говорот што следуваше, го соочи Западот со можноста за неизбежно враќање на војната во Европа. Тој отворено зборуваше за отстапката на Западот кон Русија и како оваа рамнодушност ги направи западните земји соучесници во руските злосторства. Тој, исто така, побара безбедносни гаранции за да избегне неговата земја да стане постојана тампон зона меѓу Европа и Русија, велејќи дека се потребни јасни одговори на барањата на Украина за членство во НАТО и во Европската унија.

Една година подоцна, по десетици илјади убиени на бојното поле и дополнителни 1.000 говори, Зеленски се обрати на истата публика од светски лидери и дипломати, овој пат преку видео. Ликот го поажа уморот, а минатогодишното одело беше заменето со сега веќе познатата борбена униформа.

Во говорот оваа недела, Зеленски повика на побрзи одлуки за санкциите против Русија и оружје за Украина, велејќи дека Владимир Путин е единствениот добитник со одложувањето. Тој предупреди дека непостојаноста може да доведе до вовлекување на Молдавија во конфликтот и остварување на нуклеарните амбиции на Иран додека Русија го пренесува збогатениот ураниум во Техеран.

Конечно, тој инсистираше на тоа дека Украина мора да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО, на што германскиот канцелар Олаф Шолц му даде надеж, велејќи дека „секој што може да испорача борбени тенкови треба навистина да го направи тоа сега“.

Сепак, Зеленски не беше главната ѕвезда во Минхен. Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа мора да биде подготвена за продолжен конфликт.

„Во овој момент времето за дијалог се уште не е дојдено бидејќи Русија избра војна и изврши воени злосторства. Русија не може и не смее да победи во оваа војна“, апелираше францускиот претседател.

Тој призна некои лични погрешни проценки, велејќи дека кога разговарал со Путин пред една година, бил уверендека Вагнер нема никаква врска со него.

„Денес гледаме дека групата на Вагнер е вклучена во војната. Стана нова мафијашка алатка која се користи за создавање криминал и неправда“, рече Макрон, предупредувајќи дека Западот ги губи земјите од т.н. трет свет и дека не направил доволно за да одговори на обвинувањата за двојни стандарди, вклучително и недоволно брзо помагање на посиромашните земји со вакцини против ковид.

Макрон потоа истакна дека Западот едноставно не може да го избегне предизвикот да најде начини да се справи со Русија.

Спонзорирано: