4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британец шпионирал за Русија во британската амбасада, доби 13 години затвор

Британски чувар кој работел во британската амбасада во Германија и бил фатен како шпионира за Русија денеска е осуден на 13 години и два месеци затвор.

Дејвид Балантајн Смит (58) се изјасни за виновен по осум точки од обвинението, но тврдеше дека намерно не сакал да повреди никого. Казната може да ја отслужи во Германија или Британија, пренесува „Скај њуз“

Смит, кој по потекло е од Пејсли, Шкотска, на суд тврдеше дека бил депресивен и осамен и дека пиел до седум литри пиво дневно кога почнал да издава тајни од амбасадата за, како што тврди, да ги засрами. За време на изрекувањето на пресудата, судијата ги отфрли неговите оправдувања, велејќи дека „давајќи значителна количина материјал на непријателска земја, тој им наштетил на британските интереси“.

„Вашата работа беше да се осигурате дека амбасадата и нејзиниот персонал се безбедни. Ова беше јасно прекршување на довербата што ви е дадена“, му рече судијата на Смит.

Тој тврди дека Смит „упорно и релативно софистицирано“ собирал информации и предизвикувал „анксиозност и стрес“ кај персоналот на амбасадата и нивните семејства.

Судијата додаде дека Смит бил „платен од Русија за предавство“, додавајќи дека нема докази оти тоа се „износи што ќе му го променат животот“. Според пресудата, Смит земал фотографии и документи од фиоките на амбасадата, како и снимки од надзорните камери. Тој на руските службеници им ги дал имињата, фотографиите и личните податоци на персоналот на амбасадата, како и тајните документи.

Покрај тоа, тој снимил видео шетајќи низ амбасадата, со што на Русите им открил детали за зградата и канцелариите. Судијата рече дека Смит „развил антибритански и антизападни чувства“, додавајќи дека тоа „директно ги предизвикало“ неговите постапки.

Колегите од амбасадата слушнале како Смит отворено ги критикува Велика Британија и Германија и изразува позитивни мислења за Русија и нејзиниот претседател Путин. На суд, тој призна дека отворено ги поддржувал проруските сили во регионот Донбас во Украина.