4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Земјотресот подели турско село на половина

Земјотресот што се случи на 6 февруари 2023 година, освен што направи хаос во градовите, создаде пукнатини во инфраструктурата, дури и на самата граница на Турција и Сирија, каде што се создадоа дупки широки неколку метри.

По спасувачката акција, на социјалните мрежи се појавија фотографии од последиците од разорниот земјотрес. Најзабележително беше селото Гокчедер во провинцијата Газијантеп, кое беше епицентарот на страшниот земјотрес.

Снимките направени од воздух со дрон покажаа морничави пукнатини, кои се појавиле во земјата над урнатото село.

Турските медиуми јавуваат дека мештаните се обиделе и да ја санираат штетата и да го поправат патот како би го поврзале повторно селото со светот.

„Се обидовме да го поправиме најдобро што можевме“, изјави Ниру Џихан за веб-страницата „Ахабер“ додавајќи дека пораснал во селото Гокчедер и дека селаните се обидуваат да го поправат патот со трактори и лопати за да може повторно да биде поврзано со светот.

Нури Џихан додава дека пукнатините настанале рано наутро во понеделникот кога почнал земјотресот. Џихан додава дека мислел оти почнала апокалипсата.

Тој раскажува дека тоа утро сите трчале да се спасат.

По неколку дена, забележале дека во земјотресот се оштетени локалните гробишта, кои тие сами ги санирале, но земјата не престанувала да се отвора, што им создавало дополнителен проблем.

Турските медиуми јавуваат дека земјотресот во областа Доганшехир создал пукнатини во земјата долги 16 километри и го подели селото на два дела.

Јужниот дел од селото се спуштил за два метра, а куќите на север останале речиси недопрени. Процените велат дека длабочината на пукнатините е поголема од просечната човечка висина.