12.8 C
Скопје
29. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Press conference by NATO Secretary General Jens Stoltenberg following the first day of meetings of NATO Defence Ministers
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Столтенберг ги потврди пораките за Украина, започна НАТО самитот на министрите за одбрана

Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО што се одржува денеска и утре во Брисел, започна со изјави за медиумите во холот на седиштето на НАТО. Прв пред бројните новинарски екипи застана генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги повтори главните пораки на НАТО што ги испорача и на вчерашната прес конференција.

„Не гледаме знаци дека претседателот Путин се подготвува за мир. Она што го гледаме е спротивното, тој се подготвува за уште војна, за нови офанзиви и нови напади. Затоа, уште поважно е сојузниците и партнерите на НАТО да ѝ пружат поголема поддршка на Украина. А подоцна денеска ќе се сретнеме и со Контакт групата за Украина предводена од САД и ќе одговориме на итните потреби за зголемена поддршка за Украина“, рече Столтенберг.

Според него не помалку важна е потребата да се обезбеди повеќе муниција и, исто така, да се засили производството и да се зајакне одбранбената индустрија на НАТО сојузниците, за да се обезбеди потребната муниција за Украина и да се надополнат резервите.

„Сојузниците, исто така, ќе започнат да разговараат за нови инвестиции во одбраната“, најави Столтеберг.

На прашањето зошто јавноста треба да верува дека НАТО не е во војна со Русија, генсекот на НАТО одговори дека ниту НАТО, ниту сојузниците на НАТО не се страни во конфликтот.

„Она што го правиме како НАТО сојузници и НАТО е да обезбедиме поддршка за Украина. Украина се брани, треба да разбереме што е ова. Ова е војна на агресија. Претседателот Путин, Русија, нападна суверена, независна, демократска, слободна нација во Европа, Украина. И, се разбира, Украина има право да се брани. Правото на самоодбрана е втемелено во Повелбата на ОН, тоа е дел од меѓународното право. И, се разбира, имаме право да ѝ помогнеме на Украина да го одржи правото на самоодбрана. Значи, НАТО и НАТО сојузниците не се страни во конфликтот, но ние ја поддржуваме Украина во правото на самоодбрана“, дециден беше Столтенберг.

Тој се осврна и на видот на поддршката што НАТО сојузниците ѝ ја пружаат на Украина, односно дека таа поддршка еволуираше во своите форми.

„На почетокот беше исклучително важно да се обезбеди лесно противтенковско оружје како Џавелин. Тогаш ја увидовме потребата од артилерија и НАТО сојузниците обезбедуваа сè понапредни артилериски системи. Потоа, стана очигледно дека има итна потреба од понапредни системи за воздушна одбрана. НАТО сојузниците сега обезбедуваат PATRIOT, SAMP/T и други напредни системи за воздушна одбрана, NASAMS“, објасни Столтенберг и додаде дека во последните месеци и недели сојузниците се согласија значително да го засилат тешкото вооружување, оклопните борбени возила и главните борбени тенкови.

Столтенберг потенцираше дека видот на поддршката еволуира и дека тоа е дел од тековните консултации меѓу сојузниците во НАТО, во рамките на групата за поддршка на Украина и дека тоа така и ќе продолжи.

„Затоа што треба да обезбедиме Украина да го добие оружјето што ѝ е потребно за да може да ја врати територијата, да ги ослободи земјите и да победи во оваа војна и да опстане како суверена, независна нација“, објасни Столтенберг.

Тој додаде дека, што се однесува до прашањата за видот на оружјето, важно е да се сфати дека постојано се разговара за тоа какви системи и типови на платформи ѝ се обезбедуваат на Украина. „Тоа еволуираше“, потенцира Столтенберг.

„Значи, не се работи само за дискусија за нови системи, туку и за обезбедување услови сите постоечки системи да работат како што треба. Ова стана тешка војна на истоштување. И затоа, тоа е, исто така, битка на логистиката. И ова се огромни напори на сојузниците за да можат всушност да влезат во муницијата за гориво за резервните делови што се потребни“, изјави Столтенберг.

Тој, исто така, потенцираше дека војната не започна во февруари минатата година.

„Војната не започна во февруари минатата година. Војната започна во 2014 година. И од 2014 година, сојузниците на НАТО обезбедија поддршка за Украина, со обука, со опрема, така што украинските вооружени сили беа многу посилни во 2022 година, отколку во 2020 и 2014 година. И, се разбира, тоа направи огромна разлика кога претседателот Путин одлучи да ја нападне Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО во пресрет на почетокот на Состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Од Брисел: Џ. Дерала

извор Civilmedia.mk