5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Повеќе од седум милиони деца беа погодени од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија

Повеќе од седум милиони деца беа погодени од разорните земјотреси во Турција и Сирија, соопшти денеска УНИЦЕФ, кој стравува дека неколку илјади од нив загинале.

„Во Турција вкупниот број на деца кои живеат во десетте провинции погодени од двата земјотреси е 4,6 милиони. Во Сирија беа погодени 2,5 милиони деца“, изјави портпаролот на организацијата Џејмс Елдер на редовната прес-конференција во Женева.

„На децата и на семејствата им е очајно потребна дополнителна помош. Многу вработени во нашите локални партнерски организации и оние кои работат на првите линии се убиени, повредени, раселени и нивните канцеларии и опрема се уништени“, се наведува.

УНИЦЕФ стравува дека „неколку илјади деца загинале. Тие податоци, рече Елдер, не се потврдени, но јасно е дека „бројката ќе продолжи да расте“.

Според УНИЦЕФ, десетици илјади семејства се изложени на студ.

„Секој ден има извештаи за сè повеќе деца кои страдаат од хипотермија и респираторни инфекции“, рече Елдер, истакнувајќи дека семејствата спијат со своите деца на улиците, во трговските центри, училиштата, џамиите, автобуските станици и под мостовите.

Во Турција, УНИЦЕФ, во координација со Министерството за семејство и социјална заштита, испрати социјални работници во болниците за да помогнат во идентификувањето на децата кои биле одвоени од нивните родители. Беа отворени и три нови телефонски линии за помош на тие деца.

УНИЦЕФ, исто така, работи со партнери за да обезбеди психосоцијална помош на децата. Во Сирија „секое дете под 12-годишна возраст знае само за конфликти, насилство и раселување. Некои деца се преселиле шест или седум пати“, рече тој. Според УНИЦЕФ, повеќе од 1,7 милиони сириски бегалци се регистрирани во десетте турски провинции погодени од земјотресот, меѓу кои 811.000 деца.

Спонзорирано: