12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Европа потроши речиси 800 милијарди евра за борба против енергетската криза

Цената за европските земји да ги заштитат домаќинствата и компаниите од нагло зголемените трошоци за енергија достигна речиси 800 милијарди евра, објавија истражувачите од тинк-тенкот „Бругел“. Тие ги повикаа земјите да трошат поефикасно за справување со енергетската криза.

Земјите од Европската унија веќе издвоиле 681 милијарда евра за справување со енергетската криза, додека Велика Британија од септември 2021 година издвоила 103 милијарди евра, а Норвешка – 8,1 милијарди евра, се наведува во анализата на „Бругел“.

Вкупниот износ од 792 милијарди евра се споредува со 706 милијарди евра во најновата проценка на „Бругел“ од ноември, бидејќи земјите продолжуваат да се борат со последиците од прекинатите испораки на руски гас во Европа во 2022 година.

Германија се најде на врвот на листата на трошења, трошејќи речиси 270 милијарди евра – сума со која ги засени сите други земји. Велика Британија, Италија и Франција се следните најголеми потрошувачи, иако секоја потрошила помалку од 150 милијарди евра.

По глава на жител, најмногу трошат Луксембург, Данска и Германија.

Трошењето на земјите за енергетската криза веќе е на ниво на фондот на ЕУ за закрепнување од КОВИД-19 во вредност од 750 милијарди евра. Ажурирањето на трошоците за енергија доаѓа додека земјите дебатираат за предлозите на ЕУ за дополнително олабавување на правилата за државна помош за проектите за зелена технологија додека Европа се обидува да им конкурира на субвенциите во САД и Кина.

Тие планови предизвикаа загриженост во некои престолнини на ЕУ дека охрабрувањето на поголема државна помош ќе го наруши внатрешниот пазар на блокот. Германија е на удар на критиките за нејзиниот огромен пакет енергетска помош, кој далеку ги надминува средствата на другите земји од ЕУ.

„Бругел“ дојде до сознанија дека владите го насочиле најголемиот дел од помошта во мерки за ограничување на малопродажните цени што потрошувачите ги плаќаат за енергија, како што е намалување на ДДВ на бензинот или ограничување на малопродажните цени на електричната енергија.

Според тинк-тенкот, ова треба да се промени бидејќи државите немаат доволно фискални ресурси за да поддржат толку широко финансирање.

извор: Novatv.mk

Спонзорирано: