21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТИЗБОР

Жена во Турција почина ден откако беше извлечена од урнатините, била затрупана 104 часа

Жена почина денеска во болница, еден ден откако беше извлечена од урнатините на зграда во јужна Турција каде што беше заробена 104 часа под урнатините, соопштија спасувачите.

Германските спасувачи во петокот ја извлекоа 40-годишната Зејнеп Кахраман од урнатините во градот Кирихан во јужна Турција. Нејзиното спасување го нарекоа „чудо“ во време кога спасувачките тимови пронаоѓаат се повеќе тела по најсмртоносниот земјотрес во регионот во последните децении.

„Штотуку дознавме од нејзините брат и сестра дека Зејнеп за жал починала во болница“, рече Стивен Баер, шеф на германскиот меѓународен тим за спасување.

„Штотуку го информиравме тимот дека таа за жал починала. Ние сме уништени“, додаде тој.

Додека некои спасувачи ги задржуваа солзите и се тешеа меѓусебно, лекарот од тимот рече дека ризикот бил особено висок во првите 48 часа по толку комплицирана операција за спасување.

„На крајот на краиштата, таа навистина беше закопана повеќе од 100 часа. Не заробена, туку закопана“, објасни Питер Кауб.

Тој нагласи дека спасувачките напори не биле залудни.

„Да може да умре во прегратките на сопственото семејство и да може да ги живее последните моменти со семејството, секоја секунда е важна. По десет часа, откако ја започнавме операцијата за спасување, таа го имаше првиот човечки контакт и можеше да разговара со преведувачот и со нас, а потоа дури и со нејзиното семејство. И конечно, нејзиното семејство можеше да ја држи во раце“, рече Кауб.

Семејството на Кахраман претходно за „Ројтерс“ изјави дека спасувачите пристигнале два дена по земјотресот во понеделникот.

Германските работници успеале да стапат во контакт со жената додека се уште била длабоко под урнатините, каде преку црево и доставувале вода. Во еден момент и помогнаа на нејзината сестра да се спушти по скалата поблиску до Зејнеп за да разговара со неа.

Вкупниот број на загинати од земјотресот што во понеделникот ја погоди јужна Турција и северна Сирија сега надминува 25.000 лица.

Спонзорирано: