9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Милошоски за изјавите на холандскиот амбасадор: Македонските граѓани требало „да го затнат носот и да го голтнат“

„Заедничките цели за продлабочување на соработката и за забрзување на интеграцијата на Македонија во ЕУ, не би требало да е причина за ничија дрскост, а особено не на дипломат од угледна европска држава. Но, кога во разговорите со повеќе локални политичари ќе се навикнете на нивна сервилност, тоа ви доаѓа како допинг за егото, па од дипломат станувате „камшикар” и без почит кон народот делите цинични лекции што „мора да се проголта, иако смрди”, пишува на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Тој смета дека „вака би можела да се оквалификува изјавата на холандскиот амбасадор Коп за тоа дека македонските граѓани требало – внимавајте „да го затнат носот и да го голтнат“ невкусното барање за уставните измени по диктат на Софија. Во спротивно ќе се случела кочница?!“

„И тука се согласувам со холандскиот експерт за европски политики Рајнер Јарсма кој заклучува дека ваквиот настап на амбасадорот Коп е ироничен, доколку се знае дека токму Холандија беше една од земјите која најмалку еднаш ги одложи пристапните преговори на Македонија со ЕУ, уште пред Бугарија да ги испорача невкусните барања. Уште еден холандски дипломат, познавач на регионот и политички консултант, Ханс ван ден Берг, дури смета дека да не биле двојните стандарди од Франција, Холандија и Данска, и доколку официјално Скопје го добиело истиот третман како Бугарија, Хрватска или Романија, дека Македонија денес веќе ќе беше внатре во ЕУ“ стои во постот на Милошоски.

„Наместо одмерена и јасна дипломатска порака, оваа негова изјава личи на навреда на интелегенцијата на еден мал европски народ, кој си го бара своето место под Сонцето. Некоја држава е поголема, некоја е помала, но тоа на никој дипломат не му дава за право со недолични изјави да ги прикрива неискрените ставови на неговата држава во врска со проширувањето на ЕУ“ дециден е пратеникот.

Спонзорирано: