9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Со предлог законот за игри на среќа се отвора патот за диви обложувалници и казина

Денеска Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) остро реагираше на вчерашната седница на Владата во врска со утврдување на предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кои се предвидува оддалечување на објектите за игри на среќа на 500 метри од училиштата. Иако со законот де јуре не се затвора индустријата, де факто се затвораат 97% од објектите, а со тоа се гасне целата легална индустрија, сметаат од АСОМ.

Од АСОМ посочија дека овој потег значи отворање широко врата за диви обложувалници и сива економија.

„Уште еднаш предупредуваме дека ако се стави клуч на врата на легалните спортски обложувалници, обложувањето нема да запре и играчите ќе бараат алтернатива и обложувањето ќе се префрли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите. Чиј интерес е од легален бизнис да се направи нелегален? Никаде во Европа и светот нема ваков закон затоа што е докажано дека истиот има само негативни ефекти“, изјави денеска пред медиумите претседателот на АСОМ, Васко Илијевски.

Тој потсети и дека овој закон, кој доаѓа по предлог на Министерството за финансии, ќе донесе спротивен ефект. Потенцираат дека со негово усвојување, ниту ќе се намали играњето на игрите на среќа, ниту ризиците кои ги носат, туку ќе се отвори ново поле за нелегален профит и ризик за играчите.

Децидни во својот став, од Асоцијацијата посочија дека имплементацијата на предложените измени на Законот за игри на среќа, значи и гаснење на една веќе добро регулирана стопанска гранка, а пак играчите ќе бараат алтернатива и обложувањето ќе се префли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците.

Неодамна во Албанија после 4 години од носење на законот со кој се забранија игрите на среќа владата е приморана да го врати на сила во првиот квартал од 2023 година заради масовно отворање на нелегални казина и обложувалници. Во земјите на Европска унија нема закон со кој се регулира на овој начин индустријата. На Балканот пак има одредена дистанца како што предвидува од овој закон но таа е максимум 150 до 200 метри од училишта, ова е случај во Босна и Србија.