13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСВЕТ

Зошто земјотресот во Турција беше толку разорен: Научниците стравуваат од едно сценарио

Повеќе од 5.000 луѓе загинаа, а илјадници се повредени во силниот земјотрес што во понеделникот рано наутро го погоди Газиантеп, град во југоисточна Турција во близина на границата со Сирија.

Дополнителни последователни потреси, вклучително и еден речиси исто толку силен како првичниот, го направија особено катастрофален настан.

Регистрирајќи се како земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, настанот во Газиантеп беше класифициран како „голем“ земјотрес и предизвика значителна штета во регионот.

Избувна во близина на раседна линија, која е регион каде што се спојуваат тектонските плочи.

Во овој случај, Џесика Тарнер, геолог од Геолошкиот институт на САД (USGS), рече дека регионот се наоѓа на тринасочна раскрсница помеѓу раседите, наречена зона на расед на Анадолија, каде што се спојуваат африканските, анадолските и арапските плочи, што го зголемува ризикот на разорните земјотреси. Тоа е и густо населена област, што го зголемува ризикот од уништување и губење на животи.

Земјината кора е составена од повеќе сегменти наречени тектонски плочи, кои можат да се движат.

Понекогаш кога тие се лизгаат еден врз друг, притисокот може да се зголеми поради триење. Ако притисокот се акумулира доволно, тоа може да предизвика плочата да се навива над соседната плоча, предизвикувајќи земјотрес. Во конкретниов случај, арапската плоча се трие со анадолската плоча.

Најсилниот регистриран земјотрес бил со јачина од 9,5 степени според Рихтеровата скала и го погодил Чиле во 1960 година. Во 2011 година, земјотрес со јачина од 9 степени го погоди брегот на Јапонија, што резултираше со цунами и оштетување на нуклеарната централа Фукушима. Но, не е вообичаено да се видат земјотреси со таква јачина, бидејќи само два во последните 10 години биле толку силни.

Самата сила не е доволна за да се направи земјотрес разорен – улога игра и инфраструктурата.

Овој настан се случил во раните утрински часови, кога луѓето спиеле и немале време да реагираат. Тоа се случи и во регион кој немаше доживеано природна катастрофа од вакви размери повеќе од 200 години, па луѓето и зградите не беа подготвени.

Иако првичниот земјотрес предизвика многу штети и жртви, тлото не престана да се тресе, изјави Тарнер за “д Хил”

– Афтершоковите во моментов само продолжуваат без престан. И со секој последователен потрес што ќе дојде, ќе има повеќе штети на нестабилните структури – рече таа.

Последователните потреси беа особено силни во овој случај, додаде таа.

Афтершокови се она што се случува кога земјата ја растура силата што се ослободува при земјотрес. Тарнер ги спореди со ѕвонење на ѕвончето, во кое долга, намалена резонанца го следи првиот, моќен звук.

Ова ѕвонче, сепак, продолжи да ѕвони невообичаено гласно, рече таа. Сеизмолозите обично очекуваат последователни потреси да бидат околу 10 пати послаби од првичниот земјотрес, кој во овој случај би бил околу 6 степени.

Наместо тоа, последователните потреси беа со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала – речиси исто толку силни како првичниот земјотрес.

Работите да бидат уште полоши, овие силни последователни потреси ја погодија областа северно од главниот епицентар, предизвикувајќи разорната сила да ги погоди веќе оштетените згради од друга насока, што ја влошува штетата.

– Станува збор за многу голем земјотрес, така што последователните потреси можат да траат со денови, дури и со недели – додаде Тарнер.

Додека медицинските екипи се тркаат да ги спасат луѓето затрупани под згради на зимски температури, се наѕираат други опасности – како што е застрашувачката можност за појава во која сеизмичкото тресење предизвикува цврстото тло да се однесува повеќе како течност.

„Тоа само ја прави земјата навистина нестабилна“, рече таа.

Таа истакна дека тоа е една од причините зошто земјотресите во области како што е Мексико Сити, кој е изграден на исушено езерско корито, се толку опасни.

– Всушност, почвата не е течна, но делува како течност и работите можат многу полесно да потонат.

Друга можна, иако неверојатна, закана демне. Научниците на USGS ја следат можноста сите овие земјотреси едноставно да бидат увертира за друг, уште поразурнувачки, главен настан.

– Тоа не можеме да го предвидиме. Но, секогаш постои таа мала можност сето тоа да се „предпотреси“ и да се случи многу поголем земјотрес – изјави Тарнер.

Спонзорирано: