Кандидатот за градоначалник на Пуерто Лопез победи на изборите, иако беше убиен само неколку часа пред отворањето на гласачките места. 41-годишниот Омар Менендез бил убиен од вооружени напаѓачи кои упаднале во просторијата каде што бил тој со неговите соработници во кампањата во саботата. Во нападот е убиен и еден тинејџер, а еквадорската полиција се уште го истражува можниот мотив.
Се очекува член на партијата на Менендез да го замени убиениот политичар на местото градоначалник. Изборите за градоначалник се одржаа во услови на ескалација на новиот бран на криминал поврзан со зголеменото влијание на насилните нарко-банди во земјата на Андите. Менендез не е единствениот политичар кој е убиен во пресрет на изборите, бидејќи Хулио Сезар Фарахио, кандидат за градоначалник на крајбрежниот град Салинас, беше убиен две недели претходно.
Полицијата го уапсила осомничениот за убиството на Фарахи, кој претходно и се заканувал на 45-годишниот кандидат. Локалните медиуми објавија дека осомничениот неодамна бил ослободен од затвор по отслужување на казната за трговија со дрога. Засега никој не е осомничен за убиството на Менендез, а полицијата потврдила дека напаѓачите избегале со мотор, пишува Би-би-си.
Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо ги осуди убиствата. Ласо се соочува со зголемен број убиства во неговата земја и предложи низа уставни измени за кои гласачите одлучија во неделата.
Една од предложените измени беше да се дозволи Еквадорците поврзани со транснационалниот организиран криминал да бидат екстрадирани во странство доколку им се суди во друга земја или веќе се осудени во отсуство.
Со оглед на тоа што многу затвори во Еквадор се преплавени од неодамнешниот бран на криминал, некои официјални лица тврдат дека екстрадицијата на осудените криминалци во затворите со максимална безбедност во Соединетите држави би била побезбедна и поевтина опција за правосудниот систем на Еквадор.
Соседна Колумбија на сличен начин го измени својот устав во 1997 година и оттогаш екстрадираше многу озлогласени нарко босови во САД. Колумбиските власти велат дека жестокоста со која нарко-босовите се борат против нивната екстрадиција сугерира дека тие сметаат дека казната во американски затвор, каде што немаат никаква поврзаност или влијание врз затворските чувари и администратори, е особено остра.
Но, предлогот за промена на уставот на Еквадор за да се дозволи екстрадиција на Еквадорци тесно пропадна бидејќи 51 отсто од гласачите го одбија. Ласо рече дека го прифаќа резултатот, велејќи дека „кога луѓето зборуваат, наша должност е да го анализираме, разбереме и прифатиме“.