7.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото илустрација
ТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Бројот на жртвите од земјотресот е ажуриран: Најмалку 3.672 лица загинаа во Турција и Сирија

Бројот на жртвите од земјотресот е ажуриран – за жал, најмалку 3.672 лица загинаа во Турција и Сирија…

Најмалку 1.356 луѓе загинаа, а повеќе од 3.419 се повредени во Сирија по серијата силни земјотреси во југоисточна Турција што го потресоа поширокиот регион рано во понеделникот. Земјотресот беше особено почувствуван во градовите Идлиб, Алепо, Хама, Латакија и Рака, каде што се урнаа бројни згради.

Државната новинска агенција САНА објави дека во Алепо, Хама, Тартус и Латакија загинале 656 лица, а 1.419 се повредени. Многу згради беа уништени или оштетени во областите под контрола на опозицијата во северна Сирија.

Според медиумите најмалку 700 луѓе загинаа, а повеќе од 2.000 се повредени во различни области во северна Сирија.

Истовремено, според последните информации, во Турција најмалку 2.316 лица загинале, а 13.293 се повредени во земјотресите што денеска ги погодија јужните делови на Турција, јавуваат турските медиуми.

Претставникот на турската агенција за управување со вонредни состојби (АФАД) Орхан Татар ги претстави најновите информации за бројот на жртвите во земјотресите, со епицентар во јужниот турски град Кахраманмарас. Татар потврди дека бројот на загинати се зголемил за 554 во споредба со претходниот извештај, со што вкупниот број на загинати достигна 2.316. Бројот на повредени се искачи на 13.293, додека во земјотресите се урнаа 6.217 згради.

АФАД потврди и дека во спасувачките операции досега од под урнатините се спасени 7.340 луѓе.

Земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала утрово ја погоди јужна Турција. Епицентарот на земјотресот е регистриран во областа Пазарџик во Кахраманмарас, Турција. Провинциите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатија, Османије, Хатај и Килис беа сериозно погодени од земјотресот. Земјотресот е почувствуван и во соседна Сирија, а тресењето на земјата е почувствувано и во Ирак, Либан, Египет и други региони.

Потоа нов земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа Елбистан, исто така во Кахраманмарас, во 13 часот и 24 минути.

Бројни спасувачки екипи се уште се на терен и продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините во неколку турски градови.

Спонзорирано: