9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Отворени се нови можности за економијата и членството во ЕУ, повикувам на обединување и паметни одлуки!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува денеска и утре во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Конференцијата се одржува со цел констатирање на резултатите од работата на Владата во изминатата година и на предизвиците и перспективите на општествено-политички план, во претстојната година.

Во обраќањето, премиерот Ковачевски посочи дека во 2022 година, Владата се посвети на двата важни правци за граѓаните и за државава, економијата и европските интерации и паралелно ги решаваше предизвиците од глобалната економско-енергетска криза.

Притоа, направени се значајни постигнувања, коишто отворија нови можности за крупни исчекори на двата плана во 2023 година, за што премиерот Ковачевски повика на општествено и политичко обединување.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Можеме да ја поминеме секоја пречка, можеме да го решиме секој предизвик, има решение за секој проблем.

Само ако останеме фокусирани на приоритетите. И тоа ќе продолжиме да го правиме. Пред нас е година на нови можности, за кои напорно работевме и за кои создадовме предуслови во текот на минатата година.

Возможни се и потребни се нови чекори напред, за секого во нашата татковина.

Можеме да имаме достоинствен квалитет на живот, според европски стандарди. Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа.

И заедно со сите вас, подготвен сум да водам по единствениот и избраниот пат до целта. Изминатата, 2022 година, беше полна со предизвици во геополитички контекст.

По пандемијата, и економската криза, донесе предизвици со коишто државите во светот не очекуваа дека ќе се справуваат во 21-от век. Војна на територијата на суверена држава во Европа, со ризици по светскиот мир. Да се обезбеди храна. Да се обезбеди струја. Да се сочува стабилноста.

Предизвик да наоѓаме решенија за искушенијата кои ги носи денот, но и да останеме фокусирани на перспективите – затоа што едното ни е важно за тоа како ќе живееме денес, но другото, како ќе живееме утре. Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Ја избравме и овој пат, без задршка, на линија на надворешната политика на Европската Унија и на демократскиот свет. Бидејќи, добро ја знаеме вредноста на мирот, во којшто е единствено можно да се чувствуваме сигурни и да одиме напред.

Во годината зад нас, што се совпаѓа со годишнината од мандатот на оваа Влада, можевме многу лесно да бараме оправдувања зошто нешто не може. Или, можевме да се водиме од тоа како нешто може: како да направиме, да подобриме, да унапредиме. И ние одлучивме токму вака да работиме. За оваа една година од премиерскиот мандат, имав можност да се сретнам со многу луѓе, од различни средини. Најмногу време посветив надвор од канцеларијата, затоа што знам дека, во најголем дел, меѓу луѓето е вистината, знаењето и решенијата.

И гледам дека има многу работници, земјоделци, учители, лекари, има и сопственици на големи компании и занаетчии и сопственици на мали фирми кои работат напорно, многу напорно, за да обезбедат егзистенција за себе, за своите семејства, за своите вработени. И со даноците што ги плаќаат, придонесуваат и во напредокот и изградбата на нашата држава. Некои од тие луѓе се овде во салата, дел ќе нè слушнат преку медиумите, дел можеби нема ни да нè слушнат, преокупирани во обврските.

Но сите тие – вие сте мојата мотивација и изворот на сила и верба, дека овој пат што го одиме, сите деноноќни заложби да се обезбедат потребите на граѓаните, да се обезбеди европската иднина на државата, со сите кочници и блокади, објективни или со намера, дека сето тоа – вреди. Вреди, затоа што, води до светла цел – добро за сите нас и за сите наши граѓани и нашата држава.

Кога во вторникот, на последната седница на Владата, констатирав дека ја завршуваме 121-та владина седница, се навратив на првата седница на оваа Влада. Била одржана на 17-ти јануари, минатата година. Во вообичаени околности, за 12 месеци, една Влада би одржала 48 седници – по една седница неделно. За точно една година, ние сме одржале скоро три пати повеќе, или вкупно 121-на владина седница. И ова се однесува само на редовните седници.

Секој од министрите, во оваа дводневна конференција, ќе има можност да соопшти пред граѓаните што е сработено во изминатата година во ресорите што ги водат.

Како претседател на Владата, сакам да истакнам дека во 2022 година, во услови на една од најголемите светски кризи во Европа, Владата успеа да ги заштити егзистенцијата и стандардот на граѓаните од енормните поскапувања на храната и на струјата, предизвикани од светската, економско-енергетска криза и војната која се води во Украина.

Ги зголемивме минималната плата, просечната плата и пензиите. Помогнавме на компаниите да ги задржат вработените. Во кризната 2022-ра година за целиот свет, ние имаме и нови инвестиции во државата, со новоотворени работни места. Имаме и највисока реализација на капиталните инвестиции, највисоко ниво од осамостојувањето на државата.

Но, за прв пат од независноста на државата, донесовме и низа на системски и стратегиски одлуки и решенија, со коишто, конкретно, се насочивме кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и стратешко домашно производство на енергија, тргнувајќи од природните потенцијали на нашата земја: плодна земја, сонце, ветар и вода.

Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и независност на државата кога станува збор за достапноста до храна и енергија.

Поставивме јасни економски и европски цели и во тие два правци ќе го унапредуваме развојот на државата. 2023 е година на нови можности , затоа што во 2022-та поставивме здрави основи.

Конкретно, само дел од нив:

Ја зголемивме минималната нето плата, во март 2022 година на 18.000 денари месечно. Тоа е за 3.000 денари повисока минимална плата, од претходната година во април, кога изнесуваше 15.000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, што ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20.200 денари.

Покачена е и просечната нето плата, на 33.000 денари во месец ноември 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е за 4.000 денари повеќе од претходната година во истиот месец, кога изнесуваше 29.000 денари. Покачувањето на минималната плата, извесно ќе влијае и на понатамошно зголемување на просечната плата.

Ги покачивме и пензиите во 2022 година и обезбедивме редовна и предвремена исплата, а следува и ново покачување во оваа година. Околу 330 илјади пензионери во државата веќе земаат повисоки пензии почнувајќи од ланската септемвриска пензија. Пензиите, во 2022 година пораснаа за 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година.

Реков дека носевме и краткорочни, но и системски мерки, така што во оваа 2023 година следува ново покачување на пензиите, според новата методологија на пресметка, којашто предвидува усогласување на пензиите според трошоците за живот и порастот на просечната плата. За една календарска година, со ова покачување, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти.

Со ова системско решение, ги осигуравме пензионерите – никогаш никој повеќе да не си поигрува предизборно со нив, бидејќи растот на пензиите го загарантиравме со закон.

Сакам да нагласам дека решенијата за пензиите се донесени во соработка со Сојузот на пензионерите, како што решенијата за платите ги донесовме во соработка со синдикатите и стопанските комори.

Овој инклузивен начин на работа го применивме и кога ги покачивме платите: на сите припадници во одбраната (над 2.000 денари); во полицијата (за нови 5 проценти); на лекарите (за 5 нови проценти, со што основната плата на лекарите специјалисти за 4 години е зголемена за 40 проценти); на сите 25.000 наставници во основните и средните училишта (за 15 проценти); на судските, јавно-обвинителските службеници и на затворската полиција (за 15 проценти).

Создадовме услови за скор и иден пораст на платите во високото образование.

А ќе имаме инклузивен пристап и за сите други одлуки што следуваат во 2023 година, посебно што станува збор за важни одлуки, меѓу коишто да ја осигураме и нашата европската иднина.

Да продолжам:

Во 2022 година, една од најкризните години во Европа, фактите покажуваат дека имаме рекорден износ на странски директни инвестиции – 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.

Со цел, ние како држава да ги помогнеме компаниите, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош во вредност од 23 милиони евра, кон 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Потпишани се минатата година нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот.

Ако ги погледнеме капиталните инвестиции, во 2022 година реализирани се 90 проценти од планираните проекти, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, и највисок, историски износ од 465 милиони евра и тоа во најкризна година. Во транспортот на пример, се градат и рехабилитираат 44 експресни, магистрални и регионални патишта, при што работите кај најголем дел од нив се завршени, а за некои се во тек.

Во овој момент активно тече изградбата и реконструкција на автопати во должина од 59 километри.

Во образованието, завршена е изградбата на 3 училишни објекти и уште 3 се во фаза на градба. Завршена е реконструкцијата на 29 училишни објекти и е започната во 21 училиште. Како што најавиме, следува реконструкција на 118 училишни објекти во целата држава.

И ќе започнеме со целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови.

Во здравството, реализирана е набавка на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, во соработка со Светска банка, за коишто инсталацијата е во тек, а вкупната вредност на инвестицијата е 13.6 милиони евра. Обезбедени се и нов линеарен акцелератор, нов апарат за зрачна терапија, нова магнетна резонанца, нов компјутерски томограф.

Воедно, приватните лекари добија повисока вредност на капитациониот бод, од 63 денари на 75ден, додека капитацијата за приватните стоматолози сега е покачена и изнесува 61 денар по пациент.

Во областа на животната средина, исчистена е едната од двете депонии во фабриката ОХИС од изомерите на лиднан, што со децении претставуваше закана по здравјето на граѓаните.

Исто така, реализирани се, или е во тек, реализација на околу 40 проекти. Меѓу нив, од буџетот за 2022-ра година се наменети средства во вредност од 3,2 милиона евра за водоснабдителни системи за повеќе населени места и средства во вредност од 1 милион евра за реконструкција и надградба на колекторскиот систем и пречистителна станица во општина Дојран.

2022 година е заокружена со целосна реализација на капиталните инвестиции во Полицијата, со 78 целосно реконструирани објекти на Полицијата, од коишто 7 минатата година, во вкупна вредност од над 8 милиони евра.

Армијата ја модернизираме според НАТО стандардите, за што веќе се во тек неколку повеќегодишни капитални проекти, набавка на лесни оклопни возила, од САД, набавка на опрема за противвоздушна обрана, за што е потпишан договор со Франција, а склучени се и договори за набавка на артилериски системи во соработка со Турција, како и за ремонт на транспортни хеликоптери, со Чешката Република.

Во рамки на заложбите, како извршна власт, направивме сè што зависи од нас за ефикасно правосудство, по донесените закони – и 5 основни судови, конкретно во: Кавадарци, Струмица, Штип и Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје се опремени со современа ИКТ опрема, како дел од планот за дигитализација во правосудството. А од ноември 2022-та година во функција е најголемата дигитална судница во државата, во Идризово.

Во услови кога сите погледи се насочени кон борбата со криминалот и корупцијата како предизвик во национални и регионални рамки, стеснет е просторот за изговори кога станува збор за ефикасното и професионално постапување на надлежните органи. И секој има обврска да испорача резултати за тоа за што е платен од граѓаните.

Да сублимирам, Владата скрати од непродуктивните трошоци и во услови на најголемата криза во светски рамки, успева редовно ги сервисира обврските кон сите граѓани и кон стопанството.

Само во 2022 година, повратот на ДДВ изнесува над 727 милиона евра, што е и највисок поврат на ДДВ кон стопанството од независноста на државата до денес. Со ова, дополнително ја поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите и го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните од 1800 денари на 2100 денари по тромесечие. Со овој штедлив и одговорен начин на работа и фокус кон потребите на граѓаните, ги донесовме навреме и антикризните мерки.

Пакетот антикризни мерки во висина над 760 милиони евра, е оценет како најголема државна помош во регионот, според податоците на Светската Банка.

Со последниот пакет антикризни мерки, ги опфативме социјално ранливите категории граѓани, пред се 35.000 приматели на Гарантирана минимална помош. Како поддршка во енергетската криза, од април ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти од реалната цена, за сите домаќинства. Да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале пет пати повисоки сметки за струја.

Мерката се однесува и за 72.000 микро, мали и средни компании кои вработуваат 98% од работниците во државата и кои се наоѓаат на регулираниот пазар, каде работат најголемиот дел од вработените во државата.

Донесовме и одлука според којашто и основните и средни јавни училишта, компаниите од прехранбената индустрија и јавните претпријатија од областа на водостопанството можат да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја. За прв пат во 70 години ги активиравме сите расположливи национални енергетски капацитети за домашно производство на струја.

Дополнително, граѓаните и стопанството можат по поволни услови и многу брзо и ефикасно да постават фотоволтаици. Никој не очекуваше дека во најкритичниот месец јануари наместо да увезуваме ќе извезуваме електрична енергија.

Обновливите извори на енергија веќе се реалност во Европа. Но ние дома сакаме да го постигнеме европскиот прогрес за пократко време. Затоа започнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа. Бидејќи нашата држава ги има природните потенцијали: сонце, ветер и вода. Имаме 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек. Огромен е потенцијалот за изградба на соларни централи и општо и целосно производство на енергија од обновливи извори.

И ние како Влада се насочивме и кон обезбедување домашна енергија на овој начин, при што, за само една година, во државава има изградени нови електроцентрали со над 152 мегавати инсталиран капацитет за производство на струја од обновливи извори. Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија.

Овие инвестиции имаат значителен придонес во енергетската трансформација и независност.

Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св.Петка и ветерниот парк Богданци.

Со капацитетите изградени само во 2022 година, може да се покријат потребите на 65.700 домаќинства, со просечна потрошувачка на електрична енергија.

ЗА да знаеме точно и прецизно, со енергијата од ОБНОВЛИВИТЕ ИЗВОРИ инсталирани во 2022 година, може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови од земјава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Св.Николе.
И тоа само за 1 година. Вака придонесуваме и кон намалување на цените на електричната енергија.

Но и во отворање нови работни места за инженери и за кадри од сродни дејности и услуги; во зелен туризам; во еколошко земјоделство.

Најважно од сѐ е сепак тоа што зелената трансформација ќе овозможи на нашата држава национална енергетска независност и ќе ни даде сигурност за предвидлив развој на економијата.

Конкретно, до крајот на оваа 2023 година, во македонскиот енергетски систем очекуваме да бидат инсталирани околу 300 мегавати од фотонапонски електрани, преку инвестиции со помош на мултилатералните финансиски институции и билатерални кредитори.

Заедно со она што беше инсталирано во минатата година ќе имаме инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија еднаков на капацитетот кој денес го има РЕК Битола.

Исто така, во рамки на заложбите за заштита на животниот стандард на граѓаните, Владата донесе и одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени производи, за да се ограничи растот на цените на храната. За прв пат од независноста на државата, оваа Влада се посвети и на приоритетите во земјоделството, за да осигуриме домашно производство на храна.

За таа цел донесовме Национален план за производство на храна, со којшто ги поттикнуваме земјоделците да ја употребуваат секоја педа обработливо земјиште.

Ова се покажа како вистинска одлука, затоа што веќе имаме зголемени површини за производство на пченица од 15.000 хектари. Заедно со земјоделците креиравме и нов модел за субвенционирање, со којшто, меѓу другото, ги насочуваме земјоделците кои култури да ги произведуваат, според потребите во државата.

А во 2022 година, успеавме комплетно да ги расчистиме сите заостанати обврски кон земјоделците, со што, за прв пат, оваа 2023 година, државата ја започнува без заостанати обврски кон земјоделците.

Со Буџетот за 2023 година обезбедивме: 250 милиони евра за антикризни мерки, 1,2 милијарди евра за пензионерите, 57,5 милиони евра повеќе за трансфери за општините, 63 милиони евра повеќе за здравствени услуги, 800 милиони евра за капитални расходи. Би можело уште да се набројува.

Но, во интерес на времето ќе застанам овде и ќе одговорам на некои коментари дека: растат платите, пензиите, инвестициите, државната помош, но, што тоа значи кога има и повисоки трошоци за живот. За сите тие кои ја добиваат државната поддршка, ова навистина им значи.

Бидејќи реални беа предизвиците и да ја нема државната помош, ако се земе предвид дека во развиени држави во светот се случуваат затворања на фирми и масовни отпуштања од работа, во време на светската криза. Овие постигнувања што ги посочив, се случуваат и во споредба со години кога во државата немало последици од светска економска криза. Но, тогаш парите одеа во стиропор, во врби, во палати, во Белизе.

Денес парите одат кај граѓаните. Сите овие факти се доказ за тоа.

И затоа, добро би било, кога некој носи одлука дали и колку напредуваме како држава – да тргне од тоа – во однос на што е направена разликата, во однос на тоа како се прави споредбата минатата, оваа година споредена со години во минатото.

Почитувани граѓани,

Сакам да посочам уште неколку клучни работи.

Инвеститорите сакаат сигурност и предвидлива клима за инвестирање. А инвестициите и новите работни места се резултат на храбрите и мудри одлуки што ги донесовме кога Република Северна Македонија стана членка на НАТО. Ја осигуравме безбедноста на државата и како што рековме, овој чекор веќе придонесува и на економски план – и тоа во специфичното време во кое живееме.

Напредокот на државата дополнително ќе го осигураме со европските интеграции и членството во Европската Унија.

Оваа Влада, во јули минатата година, донесе нови храбри и мудри одлуки, со коишто, по 17 години од добиениот кандидатски статус, благодарение и на одлуката на парламентарците во македонското собрание ги почнавме преговорите со Унијата.

Од ЕУ веќе добивме прва транша буџетска поддршка за справување со последиците светската криза, во износ од 80 милиони евра.

И ова е само еден показател за солидарноста во Европа, кога станува збор за справување со кризите од каков било карактер и за тоа што значи да си дел од големото европско семејство.

Тоа значи поддршка за развој преку европските фондови, значи поголем пазар на којшто компаниите ќе можат да конкурираат, значи развој на економијата, значи повеќе работни места за граѓаните и повисоки плати, значи европски стандард, значи институции што работат според европски принципи – значи европски квалитет на живот. Значи Европа – но Европа тука дома, во Република Северна Македонија.

Затоа, во 2023-та година продолжуваме со стратегискиот пристап и бројните планирани проекти за коишто отворивме нови можности. Но, најважниот проект за иднината на граѓаните и на државата е европскиот проект, за којшто исто така отворивме можности и којшто отвора пат за ефикасна реализација, според европски стандарди, на сите други проекти.

За таа цел, повикувам на одговорно однесување, во име на добрата иднина на сите и на нашата држава. Ние сме во фаза на билатерален скрининг, којшто успешно се одвива и којшто треба да го завршиме пред крајот на оваа година.

Дали ќе ги отвориме поглавјата во рамки на преговарачкиот процес е нешто што од нас зависи. Во оваа, 2023 година, ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, Република Северна Македонија да стане членка на Европската Унија.

Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома.

Македонскиот јазик е признаен и прифатен рамноправно меѓу европските јазици, за што конкретен доказ е веќе потпишаниот договор со ФРОНТЕКС.

Почитувањето, вреднувањето, зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет зависат најмногу од нас самите, тука дома. Нашата историја, традиција и јазик кои сме ги наследиле од нашите предци, и за што е дадена вековна огромна жртва, никој и никогаш не може да го земе.

Имаме своја македонска историја, култура, традиција по коишто сме како посебен народ и посебна држава препознаени и признаени во Европа и светот. И зарем за ова треба да дебатираме дома, зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и одвнатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет!

Во нашата држава живеат и рамноправни граѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, но и други, со коишто успешно градиме Еднакво општество за сите и тоа нè прави дополнително посебни и пример за соживот, нешто што го практикуваат и народите кои се дел од ЕУ. Ако треба да зборувам за односите со Република Бугарија и за тоа ќе зборувам, бидејќи тука нема што да се тактизира.

Ние сме посветени на добрососедски односи, во духот на европските вредности. Северна Македонија им гарантира и им овозможува на сите народи и сите граѓани кои живеат на ова тло и кои ја сметаат земјава за дом, непречено да си ги остварат своите права. И тоа сме го покажале и докажале на дело многу пати досега. Ние сме горди на наше мултикултурно општество, горди сме што сме Европа во мало. Така било, така е, така и ќе биде.

Друго прашање е тоа што таму се подготвуваат за нови парламентарни избори и што како и секаде и таму постојат поединци кои преку националистичка и популистичка реторика се обидуваат да добијат видливост и гласност.

Има веројатно и обиди да се наштети, не само на билатералните односи, туку и на единството во Европа, на кое што посебно упати војната во Украина, а кое што треба да се обезбеди преку натамошното проширување на Унијата.

Затоа, сите ќе си ја гледаме својата работа. Наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. Ние тоа го правиме.

И како што сме свети чувари на минатото, исто така нема да дозволиме, никој да ни ја загрози европската агенда и нашата, заслужена, европска иднина. Во оваа 2023-та година очекувам нов исчекор во европските интеграции.

Верувам дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ги осигура европските перспективи. Оваа оценка ја темелам на фактот дека големото мнозинство граѓани во државата, на последните парламентарни избори, дадоа доверба на проевропски политички субјекти, коишто составија проевропска Влада.

И оваа проевропска Влада што ја предводам, ќе продолжи да работи според очекувањата на мнозинството граѓани, а тоа се европски начин на живот дома и интеграција на државата во Европската Унија.

Оваа стратешка цел, поставена од независноста на државата и шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални од денес. И затоа, пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во Парламентот.

Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во уставот ништо нема да изгубиме.

Зборувам отворено за предизвиците во 2023 година, затоа што треба да се носат паметни одлуки. Да, тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации. Но нечие однесување говори за личноста која го применува тоа однесување. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле. Сме дозволиле да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика.

Сме оставиле простор на македонските непријатели!

А ние почитувани граѓани, сите ние, не смееме, не можеме и не треба да губиме повеќе време за порази и стоење во место! Ни мораме, ние сакаме и нужно е да работиме на секојдневни победи, оптимизам, разум, позитивни очекувања! И за денес , и за утре! И затоа, нашата државна и национална победа, почитувани граѓани, зависи само од нас.

Ја разбирам претпазливоста и сомнежите.

И јас имам семејство, кое живее тука и си ја сакам родната земја.

Но, не можам и нема да прифатам некој политички да профитира на сметка на перспективите на граѓаните и на државата. Реков, најголем дел во оваа година бев меѓу вас, граѓаните – и ги слушам вашите потреби. Тоа не се постојани предвремени избори, не се политички надмудрувања, не се блокади во парламентот, тоа не е живот во грч и кризи, во песимизам и очајување! Не, никако !

Тие бараат, нашите граѓани, вистински и оправдани очекувања за унапредување на квалитетот на живот – тука, дома, во нашата земја. Граѓаните сакаат стабилност, сакаат ред и поредок, сакаат прогрес и решенија, сакаат реален подобар живот!

Тоа е остварливо. Република Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат, со потребните реформи во сите области и ќе биде рамноправна членка на Европската Унија. Тоа е веќе неповратен процес.

Прашање на време и нас е кога тоа ќе се случи. Ние велиме, побрзо, подобро, заедно! Големите постигнувања, бараат големи одлуки.

И затоа, повикувам, да се обединиме околу новите можности што ги носи 2023-та година“.