13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шведскиот министер: Процесот за наш прием во НАТО е запрен, Турција е лута

Процесот на прием на Шведска во НАТО е запрен, изјави шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром.

Тој во изјава за „Експресен“ рече дека тоа се случило поради лутата реакција на Турција поради фактот што десничарскиот екстремист Расмус Палудан го запалил Куранот и поради демонстрациите во кои се критикува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Билстром изрази надеж дека на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во јули во Литванија ќе биде постигнат договор со Турција.

Ултрадесничарскиот политичар Расмус Палудан го запали Куранот на 21 јануари пред турската амбасада во Стокхолм, а вчера пред турската амбасада во Копенхаген. Тој додаде дека ќе продолжи со ваквите акции се додека Турција не го одобри членството на Шведска во НАТО.

Потегот на Палудан доведе до демонстрации во Турција, како и во голем број други муслимански земји.

Односите меѓу Шведска и Турција се влошија, а турскиот претседател Таип Ердоган рече дека Шведска не треба да смета на турската поддршка за членство во НАТО.

Шведска денеска ги предупреди своите граѓани во Турција да избегнуваат гужви и собири, поради протестите.

„Од Швеѓаните во Турција се бара да го следат развојот на настаните и да избегнуваат големи собири и демонстрации“, објави шведското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница во упатствата за своите граѓани во странство.

Најавено е и дека „во наредните денови може да се очекува продолжување на демонстрациите пред амбасадата во Анкара и пред генералниот конзулат во Истанбул“.

Спонзорирано: