Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
CentarМакедонијаТОП ВЕСТИ

Руско влијание во “распалувањето” на македонско-бугарските тензии?

Со посетата на Ангел Џамбаски во центарот на Скопје и неговото извикување дека Македонија е бугарска, вака може да се каже дека започна новата серија на тензии меѓу Македонија и Бугарија, која подоцна продолжи со претепување на млад лик од Охрид, кој патем бил член на унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, но истовремено и секретар на контраверзното здружение “Цар Борис” во Охрид.

И ситуацијата продолжи како на филм, откако се вмешаа и властите во Бугарија кои направија преседан праќајќи владин авион да го превземе повредениот Бугарин и член на УМС од Охрид.

Ситуацијата се обиде да ја ублажи македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи кој го осуди инцидентот и отиде во посета на повредениот, но провокациите од страна на дежурниот потпалувач на тензиите од бугарското ВМРО продолжија..

По седницата на советот за безбедност со изјава излезе и Претседателот Стево Пендаровски:

– „Мој предлог до Владата, согласно одредбите на Законот за странци, е да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава“, соопшти претседателот Пендаровски.

За ваквата идеја стигнаа повеќе позитивни, но и негативни реакции. Сепак владата до сега не донесе одлука за евентуална забрана за влез на Џамбаски во Македонија.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера се закани со нова блокада за македонските интеграции. Откако повеќе политчки структури од Бугарија бараа повторно вето за Македонија, официјална Софија излегува со истиот став дека мора да се активираат европските механизми за да се ставело крај на антибугарската омраза.

Со повик за смирување на тензиите излезе и Илхан Кучук, бугарски европарламентарец, кој порача дека грешка би било евентуално враќање на ветото:

„Тоа би била огромна грешка. Ветото на ниту еден начин не влијаеше на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа слични типови на провокации, повеќе или помалку, од самото наметнато вето“.

Она што му се случи на Христијан Пендиков е за осуда и тоа го покажаа европските институции, смета Ќучук. Тој ја дефинира тензијата меѓу двете земји како висока и додаде дека „не стивнува во многу правци“.

Џамбаски му се закани со атентат на Пендаровски
Бугарскиот европ-пратеник Ангел Џамбаски во интервју за софиската Нова ТВ најави дека секако ќе дојде на 4 февруари во Скопје иако не го планирал тоа. Додава дека сега е решен да го посети гробот на револуционерот Гоце Делчев, бидејќи „коминтерновецот“ Стево Пендаровски бара да му се забрани влез во Македонија.

Џамбаски на македонскиот претседател Стево Пендаровски му испрати порака преку која тој би требало да се потсети на некогашниот југословенски крал Караѓорѓевиќ и што за тоа во поглед на ВМРО вели историјата (кралот беше убиен во атентат во Марсеј во 1934 година, н.з.).

Џамбаски рече: – Сакам да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерна, дека и во минатото имало личности кои се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија. Последниот таков пример е со југословенскиот, поточно со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа, додаде бугарскиот европратеник.

Руско влијание во “распалувањето” на македонско-бугарските тензии?
Во својата анализа за Civilmedia, новинарот Зоран Бојаровски пишува дека особено значаен е делот на одговорот на Пендаровски на новинарско прашање каде што тој вели дека „руската разузнавачка служба стои зад структурите во Бугарија кои вршат антидржавна кампања кон Северна Македонија“, што претставува одреден континуитет на овој негов став, како што беше неговата изјава за протестите против „францускиот предлог“ минатото лето кога рече дека „Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог“ и дека „неколку дузини луѓе кои се дојдени од соседните држави и кои се обидуваат да испровоцираат инциденти на протестите“.

-Искусните хроничари на политичките настани во земјата и регионот се согласни дека ова се вознемирувачки настани и дека овие „специјални операции“ против Бугарија, кои се „готват“ надвор од Македонија со извршители од внатре, не се наивни, како што не беа наивни ниту во времето на Преспанскиот процес и други важни настани и клучни процеси за нашата земја, вели Бојаровски во вчераобјавената анализа.