17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНА+СВЕТ

Воена инвазија или културен натпревар? Македонците од секогаш биле против окупации

Мирот беше и остана главен идеал за кој отсекогаш се стремеле Македонците и сите нивни сограѓани во земјава. Водејќи се од премисата на херојот Гоце Делчев, за кого светот е поле за културен натпревар меѓу народите, на овие територии кај народот преовладува желбата за мир и соживот, но и порив за натпревар во спортот, културата, па и политиката.

Во минатото пак, борбата се водела и за слобода, но против поробувањата и туѓите окупации. Од друга страна денес, во поновата историја Македонија е запаметена како земја која без ниту една пролиена капка крв, го потврди својот суверенитет и независност од поранешна Југославија. Се закити и со епитетот „оаза на мирот“. Со современи методи, со пенкало на референдум, Македонија ја прогласи својата самостојност и зачекори на патот кон развој на демократијата.

Предизвици на патот имаше, особено 2001-вата година кога внатрешниот конфликт се закануваше да прерасне во војна. Сепак, победи мудроста и беа донесени значајни државнички одлуки кои ја потврдија безбедноста на сите граѓани кои живеат во земјава. Мирот оттогаш па навака продолжи да се надоградува и негува, како дома, така и во регионот.

Но, малку пошироко, ама не и далеку, предизвици на европско тло повторно има. Во најголемата војна на континентот, после Втората светска, украинскиот народ е во борба против руската неоправдана инвазија.

И покрај доминацијата во културата, особено книжевноста, денешна Москва не го разбира светот онака како што на ум го имаше Делчев. За Русија сега натпреварот е за територии, а во битката не бира ниту средства. Згаснаа животите на над седум илјади украински цивили, повеќе од единаесет илјади се тешки повредени, а меѓу нив и стотици деца. Дванаесет милиони Украинци беа принудени да ги напуштат своите домови поради воздушните напади од агресорот. Воената инвазија на Путин зад себе единствено остави крв и урнатини, како и докази за многубројни злосторства над човештвото и геноцид.

извор Portal_mk/Instagram profile

Спонзорирано: