Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Радев: Парламентарни избори на 2 април

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека изборите за новиот состав на парламентот ќе се одржат на 2 април.

Најавените избори ќе бидат петти по ред парламентарни избори во рок од две години, бидејќи по последните избори ниту една пратеничка листа не успеа да формира влада, пренесува Ројтерс.

Радев рече дека ќе го распушти парламентот на 3 февруари и изрази надеж дека дотогаш пратениците ќе ги усвојат законите потребни за да се обезбеди ефективно искористување на средствата за помош на Европската унија.

Бугарскиот претседател претходно изјави дека повторно ќе го именува актуелниот привремен премиер Галаб Донев да ја води земјата до формирањето на новата влада по предвремените избори.

Бугарската социјалистичка партија денеска соопшти дека не успеала да формира влада и го вратила мандатот на претседателот на државата.

„Направивме се што е потребно “, изјави лидерката на партијата Корнелија Нинова и додаде дека и покрај поставувањето на јасни национални приоритети во разговорите со другите партии, нема доволно волја за формирање влада, објави „Новините“.

Аналитичарите очекуваат новите избори повторно да произведат поделен парламент кој ќе се бори да најде компромис и да формира коалициска влада.