Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Вучиќ: Србија ја чека критична година – една од најтешките во модерната историја

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Давос изјави дека Србија се соочува со критична година, веројатно една од најтешките во модерната историја на политички и економски план.

Тој за медиумите од Србија на Светскиот економски форум изјави дека од разговорот може да се види дека единственото нешто што сите ги интересира се санкциите против Русија и независноста на Косово.

Како што рече, в петок ќе се сретне со претставниците на Германија, Франција, САД, Италија и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот со Косово, Мирослав Лајчак, и оцени дека тоа ќе биде „многу, многу, многу тежок разговор со најголемите светски сили“.

Тој додаде дека потоа ќе има консултации на државниот врв.

„Во сабота и недела ќе и се обратиме на јавноста со нови мерки и ќе кажеме што се бара и очекува од Србија во однос на Косово и Метохија и санкциите против Русија“, рече Вучиќ.

Запрашан за изјавата на косовскиот премиер Албин Курти дека може да се постигне договор во следните неколку месеци доколку има волја, Вучиќ рече:

„Но тоа може да се направи задутре, доколку се откаже од своите сецесионистички намери“.

„Дали во овој документ на ЕУ видовте дека сите сецесионисти се казнети и санкционирани? И извршија насилно отцепување на дел од нашата територија. Дотаму што оди таа грубост. Тие велат дека треба да ги осудиме и санкционираме оние кои поттикнуваат отцепување, веројатно делови од Косово и делови од Босна и Херцеговина. Тие што спротивно на правилата донесоа одлука да бомбардираат држава, а не верувате кога ќе ја прочитате“ – рече Вучиќ.

Тој додаде дека Европскиот парламент усвоил резолуција во која делот за Косово е многу попроблематичен во однос на воведувањето санкции против Русија.