Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Ковачевски: Подобар животен стандард и нови инвестиции за економски раст

Премиерот Димитар Ковачевски со воведно обраќање ја отвори годишната конференција со наслов: „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија.

„Ако треба да ги споредам 2022 и 2023 година, би кажал дека 2022, веројатно, беше најтешката во мојата 22-годишна професионална кариера. Но, кога ќе ги видам резултатите на крајот од годината, начинот на кој се справивме со енергетската и економската криза и начинот на кој воспоставивме соработка на дневна основа со Стопанската комора, можам да бидам задоволен“, рече премиерот.

Ковачевски напомена дека „јануари е месец кога се гледаат резултатите од сработеното претходната година и се прават проекции за тековната година, така што верувам дека оваа годишна конференција ќе прерасне и во традиција. Нејзината важност е уште поголема бидејќи на едно место се обединети креаторите и носителите на економски политики, од една страна, и претставниците на бизнис-заедницата, од друга, сè со цел да се зајакне јавно-приватниот дијалог и да се презентираат гледиштата и идеите на двете страни. Тоа е и начинот на работа на Владата, која ја предводам, да работи инклузивно, со сите засегнати страни, да има слух за потребите како на граѓаните така и за стопанството бидејќи тоа е единствениот начин заедно полесно да ја пребродиме оваа најголема светска енергетска криза што ја живееме по Втората светска војна“.

„Соочени сме со голем број предизвици како економски така и политички, воената агресија врз Украина, а со тоа и раст на цените на енергијата и храната, инфлација, како и потреба од трансформација кон зелена енергија, индустрии што не загадуваат. Самите неизвесни ситуации ја ставаат во неповолна ситуација, секако, и деловната заедница. Но, бизнис-заедницата во Република Северна Македонија во Владата има сериозен партнер и преку заеднички дијалог ќе ги бараме решенијата“, рече тој.

Премиерот посочи дека „буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и лично ќе се залагам да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата за понатаму да се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти на БДП“.

„И оваа година фокусот на Владата е да обезбеди услови за раст на инвестициите. Наша цел е домашните и странските инвестиции да бидат двигатели на растот, да се зголемува извозот, да се намалува невработеноста, паралелно да растат платите и да се подобрува животниот стандард“, рече Ковачевски.