3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Војна или мир? Руската агресија во Украина досега донесе само смрт

Каков е досегашниот исход од неоправданата руска агресија во Украина? Наводната „денацификација“ на Украина, која на 24-ти февруари минатата година ја започна рускиот претседател Владимир Путин досега одзеде седум илјади невини животи. Според податоците на релевантните институции во руската агресија над Украина загинале седум илјади цивили, меѓу кои и 430 деца, но од Канцеларијата на Обединетите нации стравуваат дека бројката е многу повисока. Повеќе од единаесет илјади цивили се водат како повредени.

Бруталните напади на војската на Путин, за кои веќе се прибираат докази за злосторства над човештвото, принудија 12 милиони Украинци да ги напуштат своите домови. Пет милиони Украинци веќе мигрираа од земјата, додека седум милиони се водат за внатрешно раселени. Суровоста на руската војска се докажува и со нападите на виталните објекти за функционирањето на државата, па така, цели на воздушни напади беа голем број на електрани и топлани, по што илјадници Украинци беа оставени без струја и греење. Уништувани беа и се уште се клучни објекти на прехранбената индустрија, но и водоводи, кои предизвикаа глад кај недолжното цивилно население и укажуваат на геноцид. Сите овие нехумани потези на руските сили се косат со правилата на војување и потсетуваат на фашистичките воени операции, иако Москва си припишува огромна заслуга во антифашистичката борба. Она што на дело пак, го прави Русија на украинска територија се коси со антифашистичките принципи и идеи за слобода, мир и заедништво. Сепак и покрај фактите за пустошот и ужасите кои зад себе ги остава војската на Путин многумина веруваат во лажните образложенија на Кремљ за оправданоста на т.н. специјална воена операција.

Во меѓувреме, паднаа во вода тврдењата на Москва за наводни лаборатории за биолошки и нуклеарни оружја кои би биле употребени против руско население, а неиспровицираната агресија се сведе на освојување територија, од империјалистичките побуди на рускиот претседател. По примерот од 2014-тата година кога Москва го окупираше украинскиот полуостров Крим, сега Русија се впушти во насилно одземање на украинските територии на истокот на земјата, па дури се организираа и „референдуми“ за независност во регионите Доњецк и Луганск, под засилено присуство на руските воени сили.

Сите овие маневри на Путин беа препознаени од западниот демократски свет, кој здружно застана во одбрана на украинскиот суверенитет и територијален интегритет. Киев продолжува да добива одбранбена воена и хуманитарна помош од сојузниците, кои Москва веќе ги прогласи за непријатели. Огромно беше мнозинството и во Генералното собрание на Обединетите нации во осудата на руската агресија над Украина. Резолуцијата беше усвоена со 141 глас „за“, 5 „против“, а 35 „воздржани“. Резолуцијата најостро ја осуди руската агресија и бара Кремљ веднаш да ја прекине употребата на сила против Украина, како и да се повлече од соседната земја. Но, напротив, Москва само ја продолжи бруталната окупација и ја засили дезинформациската војна на социјалните мрежи, а на терен остави само смрт, чемер и плач.