Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
CentarСтавМакедонијаВо тренд...

2023 година: Осум сценарија за Северна Македонија

пишува ЏАБИР ДЕРАЛА

Пред вас е кратката верзија од осум сценарија за Северна Македонија во 2023 година. Сите сценарија се засновани на лични перцепции и проценки, НЕ се врз основа на конкретни изјави и сознанија. Текстот е на места со намерни претерувања и сатира чија цел е да ги насмее, но и замисли читател(к)ите. Сепак, ниту едно сценарио не е невозможно. Дури и осмото.

Сценарио 1: Радикализација на опозицијата

Северна Македонија е фатена во вителот на внатрешни и регионални кризи. На внатрешен план, радикалната опозиција, несреќна поради бројните политички неуспеси, ја радикализира својата реторика, а потоа почнува и да дејствува радикално. Тензиите меѓу Македонците и Албанците се простор во кој националистите најдобро се снаоѓаат. Затоа, радикалната опозиција организира насилни протести и со сите сили се обидува да го пресели политичките тензии на меѓуетнички план. Во земјата експлодираат неколку експлозивни направи што предизвикува општ хаос и паника кај населението.

ВМРО-ДПМНЕ победува на изборите со шест пратеници повеќе од СДСМ. Сепак, не успева да формира влада поради целосно нарушениот коалициски капацитет. Земјата тоне во општа несигурност и криза. Се спремаат нови избори кои се очекува да се одржат на почетокот на 2024 година.

Сценарио 2: Бугарски синдром

На предвремените парламентарни избори во мај победува радикализираната опозиција. Најголем дел од приговорите за изборни нерегуларности ги поднесува Левица, но повторно забораваат да стават печат, така што ДИК им ги одбива сите.

Причина за неуспехот на Мицкоски да формира влада е што ниту една значајна партија на Албанците не сака да коалицира со него, поради неговиот ултранационалистички настап во изборната кампања.

Политичките елити излезот од кризата сѐ повеќе го гледаат во нови избори. Изборните аналитичари од Цивил, пак, велат дека земјата ја зафаќа бугарскиот синдром. Политичките сили се, колку изедначени, толку и далеку од можности за договор за заедничка проевропска агенда.

Сценарио 3: Бегалска криза, хибридни напади, дестабилизација

На почетокот на летото,2023 година, како да не се доволни внатрешните и регионалните проблеми, целиот регион се соочува со силен бран од бегалци.

Почнувајќи од терористички напади и други безбедносни инциденти, завршувајќи со зачестените насилни судири и престрелки меѓу разни екстремистички групи и инциденти на државните граници, безбедносната ситуација во земјата е тешка и комплицирана. Војската и воените капацитети се таргет на сајбер напади, субверзии, па и неколку терористички напади.

Се активира „црната листа“ на САД за голем број политичари, бизнисмени и медиумски газди од земјата. Серија скандали и дезинформации ја вознемируваат јавноста и ја разнишуваат довербата во институциите.

Сценарио 4: ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа

Кон крајот на 2023 година, ВМРО-ДПМНЕ се соочува со целосен распад. Не успева ниту една кампања на Мицкоски за дестабилизација на земјата и предизвикување на криза и предвремени избори, а со тоа и спас на својата партиска фотелја. И Груевски од Будимпешта испраќа катиљ ферман, и јавно се откажува од него. И вели дека би се вратил, но дека се плаши од затвор. Потоа го едитира постот на Фејсбук, но доцна му е.

Апасиев ги трие рацете, очекувајќи дека ќе ги прибере разочараните вмровци во својата партија, но Максим Димитриевски е побрз. Но на Максим не му е доволно што членството на неговата партија се зголемува, туку се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Груевски го одбива. Серија урнебесни сатири што ги објавува Фронтлајн, ја открива вистинската димензија на политиката. Јавноста громогласно се смее, додека ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа.

Сценарио 5: Враќањето на Груевски

Наесен, иако за тоа нема многу поволна клима и теренот не е сосема „чист“, се враќа Груевски од Будимпешта и поминува низ т.н. Триумфална капија. На плоштадот, кај споменикот Воинот на коњ, освен шефовите на ВМРО-ДПМНЕ, срдечно го пречекуваат и Димитар Апасиев, рускиот амбасадор, Бранко Героски, Владимир Милчин, Весна Бејби, Данела Арсовска и Перо Камиказа, кои потоа се качуваат на сцена и пеат во негова чест.

Властите го апсат Груевски на крајот од прославата на плоштадот. На пат кон затворот „Идризово“, комбето го пресретнува полициско возило во кое е курир кој на возачот му врачува решение од Апелација дека сите пресуди за Груевски се укинати и се враќаат на повторно судење во Основен кривичен суд Скопје. За да не чека такси, полицајците му нудат превоз на Груевски до дома, ама не во гепек.

Главниот град останува неукрасен, во мрак и тишина, која често ја прекинуваат рафали и поединечни истрели од огнено оружје, и сирени од албулантни возила. Државата полека ја снемува.

Сценарио 6: Пад на проевропската власт во Северна Македонија

Сценаријата за уривање на проевропската власт во Северна Македонија се обистинуваат. Политичките лидери на партии што не се на власт или се во владејачката коалиција, но мислат дека можат да уценуваат за да дојдат до повеќе власт и пари, влегуваат во најразлични комбинации да ја урнат постојната владејачка гарнитура. Медиумската војна се разгорува.

Како што се продлабочува политичката криза, сѐ почести се вооружени инциденти во кои меѓусебно се пресметуваат одделни радикални групи, како по политичка, така и по етничка основа. Проруските центри на моќта на Балканот им даваат отворена поддршка на радикалите. Руската шпионска мрежа спроведува сѐ поуспешни субверзии со кои се внесува страв и паника кај населението.

Во таква атмосфера, започнуваат подготовки на предвремените парламентарни избори со кои се отвора долга низа неуспешни политички процеси со кои земјата сѐ повеќе се оддалечува од својата европска иднина.

Сценарио 7: Северна Македонија се извлекува. За влакно.

Руската и српската пропаганда од надвор и ултранационалистичката пропаганда од внатре, се интензивираат во 2023. Опозицијата организира протести на кои бара предвремени парламентарни избори.

Владата на Ковачевски доживува мини реконструкција. Веднаш по реконструкцијата, се зафаќа со две големи и важни реформи: правосудството и изборниот систем. И двете реформи ги прават предвремените избори невозможни.

Во пресрет на новогодишната ноќ на премин од 2023 во 2024 година, дежурниот новинар на дескот на ЦивилМедиа твитнува: „Земјата се извлече од пропаст на евроатлантската агенда. За влакно. Со среќа во 2024 година.“

Сценарио 8: Година на просперитет и единство

Европските и светските кризи продолжуваат и во 2023 година, што се користи како претекст за деструктивно дејствување на радикализираните националисти и популисти насекаде во светот, па така и во регионот и во Северна Македонија.

Сепак, со помош на САД и ЕУ, земјава успева да ги надмине најголемите предизвици во 2023 година. Владата продолжува со решавањето на социјалните проблеми, борбата со сиромаштијата, одбрана од хибридните напади, борбата против тероризмот, дезинформациите… Се бележи активирање на значителен број интелектуалци, медиуми и невладини организации во поддршка на демократските процеси и стратешките интереси на државата.

Во 2023 година, Бугарите, Хрватите, Црногорците, Евреите и Египќаните влегуваат во Уставот. Автопатот кон ЕУ станува уште поширок и поосветлен од кога и да е порано.

На крајот од 2023 година, Северна Македонија зад себе остава година на силни предизвици од кои излегува како стабилна, просперитетна, демократска, европска земја кон која соседите и државите во светот гледаат со почит.

Во последните денови од декември 2023 година, во дел од медиумите се појавува фотографија од лик под качулка, за која се тврди дека е Апасиев како излегува од руска амбасада. Со црвено е заокружен дел од фотографијата во кој се гледа дека во рацете држи руски пасош. Тој ги негира наводите, тврдејќи дека е монтажа од некоја од сѐ побројните фирми за информатички технологии и развој на вештачката интелигенција, сектор во земјата што, исто така, силно се развива во 2023 година. На социјалните мрежи се појавуваат тврдења дека само го обновил пасошот. Руската амбасада во Скопје одбива да коментира.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia