Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
MeteoCentarСвет

Рекордно високи температури во јануари во Европа

Европа се соочува со невообичаено топло време во јануари и многу температурни рекорди се соборени на Стариот континент, пишува „Индипендент“.

Според весникот, најмалку седум европски земји забележале рекордно високи температури на првиот ден од новата година.

Во Белорусија, Данска, Чешка, Летонија, Литванија, Холандија и во Полска регистрирана е температура вообичаена за пролет.

Во Високаје, Белорусија, измерени се рекордни 16,4 Целзиусови степени. Претходно, највисоката температура во јануари беше 4,5 степени.

Рекордни 19 Целзиусови степени се измерени во полското село Корбиелов. Просечната температура за областа во овој период од годината е 1 степен.

Во Јаворник во Чешка температурата е за 16,6 степени повисока од вообичаената бидејќи се измерени 19 степени, а просекот за овој период е 3 Целзиусови степени.

Температура од 12,6 степени е измерена во Данска, 11,1 степени во Летонија, 14,6 степени во Литванија и 16,9 Целзиусови степени во Холандија.

„Врз основа на температурите и областите во кои се измерени рекордните вредности, овој период може да се смета за најекстремниот топлотен бран што некогаш бил регистриран во Европа“, рече климатологот Максимилијано Херера, кој ги следи екстремните температурни разлики.

Во Шпанија 2022 година беше најтоплата година барем од 1916 година кога почнаа мерењата, објави Националната метеоролошка агенција (AEMET) на „Твитер“ истакнувајќи дека тоа е „првпат просечната годишна температура да надмине 15 Целзиусови степени“ и да достигне речиси 15,5 степени.

Исклучително топлото време продолжува и во 2023 година бидејќи во повеќе градови на северот од земјата измерена е рекордно висока температура за Нова година.

Во Билбао измерени се 25,1 степени, што е највисока температура досега забележана во јануари.