12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Ковачевски за уставните измени: СДСМ предводи прогресивни сили, опозицијата нема стратешки сенс

Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МРТ, зборувајќи за почетокот на преговарачкиот процес за членство во Европската унија и уставните измени повтори дека е рационален оптимист.

-Има различни типови на оптимисти меѓутоа јас сум рационален оптимист, тоа значи дека јас верувам во целта, меѓутоа работам таа цел да се оствари. Исто како што беше со енергетската криза јас не давав премногу изјави меѓутоа сега сите граѓани се уверија дека нема ценовен шок, исто како што верував дека може да обезбедиме затоплување за градот Скопје, исто како што верував дека во време на криза можеме да ја зголемиме минималната плата и да обезбедиме финансирање преку инструментите на ММФ кои што ги немавме во минатото, исто така верувам дека и ова ќе се оствари бидејќи се работи за неповратен процес, рече Ковачевски.

Тој повтори дека земјата уште при своето осамостојување има зацртано две стратешки цели, а тоа се членство во НАТО и членство во ЕУ.
-И во двете одлуки па и во првата за независност се потврди дека тие процеси се водени од страна на прогресивните сили во парламентот, а пред се тука мислам на СДСМ и неговите коалициони партнери и сметам дека и овој пат ќе биде така. За жал и кај другите одлуки се потврди дека опозицијата го нема тој стратешки сенс за размислување и секогаш се водени до своите тесно партиски интереси, меѓутоа тоа ниту во еден момент не им донесе добро ниту на нив, ниту пак на државата. Ние се сеќаваме на 11-те години на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во кој што тие пробаа да воведат некој свој алтернативен никаде не виден модел на управување со државата каде што имавме внатрешни етнички тензии, бевме раскарани со сите соседи и немавме ниту милиметар прогрес во евроатлантските интеграции, на крајот единствен резултат беше што државата стана заробена држава. Вие поставивте и на почетокот во вашиот вовед, меѓутоа и сега прашањето дека на Владата и треба двотретинско мнозинство, на Владата и треба 61 пратеник за да биде Влада, на било која Влада во државата, двотретинско мнозинство и треба на Македонија за да може да го побрзо заврши патот на интеграција во полноправно членство во ЕУ, вели Ковачевски.

Тој кажа дека тоа двотретинско мнозинство нема да биде последната одлука во пристапувањето кон ЕУ.

-Ние во претходните прашања зборувавме за реформи кои што ќе треба да бидат правни, тие реформи и тоа пристапување во ЕУ не е процес на еден човек, не е процес на една партија, тоа е процес на целата држава, затоа велам дека не 80, не 90, не 100, 110, 120 пратеника во Собранието имаат обврска да носат одлуки кои што ќе обезбедат подобра иднина за сегашните и за идните генерации, бидејќи сите обвинувања кои што беа кажувани при прифаќањето и носењето на заклучоците во Собранието во однос на европскиот предлог предложен од Француското претседателство паднаа во вода, се изгради огромна хистерија во општеството дека ќе се сме биле асимилирани, ќе сме биле бугаризирани и ќе сме го изгубеле македонскиот јазик. И се случи токму спротивното, на 26-ти октомври, односно прво ги отпочнавме преговорите со ЕУ во месец јули, на 19-ти јули, на 26-ти октомври го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, на чист македонски јазик, без никакви додавки, фусноти или дообјаснувања. Прв пат договор потпишан со сите 27 земји членки на ЕУ и тоа договор потпишан на сите јазици на ЕУ, одобрен и од Грција и Бугарија, кој можеше да верува во такво нешто. Второ, во Грција се отвори центар за македонски јазик, кој можеше да верува во такво нешто. Трето, во Скопје се отвори бугарски културен центар од официјалните институции на Бугарија, исто како што ние отворивме канцеларија на МИА во Софија, во македонски културен центар. Тоа е начин на градење на доборососедски односи и такви културни центри имаме и во Тирана и во други држави, сега работиме и на отворање во Белград, тоа е начинот на кој што се градат добрососедски односи. Со ширење на внатрешни тензии во општеството, со ширење на недоверба со соседите не се стига никаде, тоа не е начин за напредок на државата, бидејќи ЕУ почива на добрососедски односи, таа не почива на лоши односи помеѓу соседите, истакна Ковачевски.

Спонзорирано: