Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СтавМакедонијаВо тренд...

За нивна жал, приватните превозници ќе бидат жртва на сопствениот протест

Долг има, колкав е тој никој точно не може да каже. Барем тоа не го знае јавноста. Приватните превозници во градскиот сообраќај во Скопје велат дека ЈСП (а со тоа и Градот Скопје) им должи 1,5 милиони евра. Градските власти велат дека има долг, но не соопштуваат колку пари се во прашање. Директорот на ЈСП во разговор за МИА пред некој ден рече дека на 8 ноември била последната исплата кон приватните превозници здружени во две компании, но не кажа колку пари биле исплатени.

Стотина автобуси не се помрднати веќе три дена од неколку клучни сообраќајници во Скопје принудувајќи ги неговите жители да се снаоѓаат во секојдневните обврски. Во овој момент изгледа никој не сака да попушти – ни градоначалничката Данела Арсовска, ниту приватнтите превозници, кои за својот протест имаат обилна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој „дијалог на обвинувања“, како што минуваат деновите во кои се собира гневот на скопјани поради тоа што протестот на приватните превозници влијае на состојбата во нивните џебови, многу реално е крајниот резултат да биде на штета на оние што го почнаа протестот, не поради тоа што тие не се во право, туку поради прашањето дали со изборот на радикалните методи (со политички поттик) успеаја сами себеси да се исфрлат од колосекот на партнери со кои може да се преговара.

Од сите изјави на Данела Арсовска и луѓето што се дел од нејзиниот тим во Градот Скопје не може да се дознае каков е нејзиниот план за функционирањето и развојот на градскиот превоз и за можното решение за кревање на блокадата. Освен нејзините зборови од минатата недела дека нема да попушти пред уцени. Во вчерашното нејзино соопштение таа наместо да одговори на прашањата како ќе се справи со проблемите кои веќе ги истенчија нервите на граѓаните, Арсовска како истражен орган им поставуваше прашања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Можеби сака да се претстави како нестрашлив борец против супермоќта на двете суперпартии, но тоа е недоволно во ваква „битка“, која од облигациски спор прерасна во политички мегдан.

Но таа сепак има алатки во своите раце кои приватните превозници ги немаат без оглед колку дена ќе ги држат паркирани автобусите на главните крстосници во Скопје. Веќе се раскинати договорите со нив, објавен е нов оглас за две линии. Тогаш, каков е маневарскиот простор на Ленин Јовановски и тие што го поддржуваат? Во овој момент се чини дека тој се смалува.

Јовановски денеска изјави дека „никој, претпоставувам, од превозниците нема да се јави, ниту од постојните, ниту некој нов. По логиката на нештата, кој би сакал да влезе, да врши работа, да биде во јавниот превоз и после неколку месеци да ви кажат: ‘Тужете нѐ за долгот, ќе ви ја одземеме работата’“.

Неговите зборови, се чини, дека изгледаат логично. Но прашање е дали, навистина, никој нема да се јави на огласот. Скопјани за време на оваа блокада имаат добра можност да видат во каква состојба на едно место (или на три) се приватните автобуси. Голем дел од нив изгледаат како купувани од складови за дотраени возила. Но меѓу нив има и релативно добро зачувани автобуси купени на европските пазари со поминати помалку километри. Во нив се вложени пари. Ако никој не се јави на огласот, како што верува Јовановски, тогаш како нивните сопственици ќе го повратат вложувањето. И да го добијат долгот за којшто тврдат дека ЈСП го има спрема нив, тоа ќе биде само еднократна инјекција, а не дел од долгорочен план за бизнис стратегија. Кога ќе се подели на сите што возат тоа, всушност, ќе биде убава но мала утеха и чувство за една победа, но веднаш ќе дојде следното прашање – а што понатаму. Дали повторно ќе излезат на блокади затоа што самите не се пријавиле на огласот?

Додека од штабот на ВМРО-ДПМНЕ стигнуваат десетици соопштенија со поддршка за нив, за обвинувања дека постоела некаква тајна коалиција меѓу Арсовска и СДСМ, Советот на Град Скопје гледа отстрана и неговиот претседавач чека другите да изгорат во оваа блокада. Па макар тоа биле и приватните превозници. Мнозинството во Советот на Скопје го има ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот Трајко Славески е една од клучните фигури во врвот на партијата, но таа како да се обврза на завет на молчење играјќи на сечилот на бричот. Веројатно верувајќи дека ќе може да ја насочи плимата на градското незадоволство само кон Арсовска (која со сите сили ја поддржа на локалните избори и речиси целосно ја изготви нејзината програма за модерно Скопје), а ако може и спрема СДСМ.

Автобусџиите за кусо време ќе сфатат дека биле употребени за политички спотер. Дали тоа за нив ќе биде доцна, тешко е да се каже во овој миг. Ленин Јовановски денеска веќе навестува дека ситуацијата меѓу оние што блокираат не е монохроматска и вели дека ќе понуди да се повлече и лично и како „Слобода превоз“ од натамошните процеси за да можело да се најде некакво решение. Тоа претпоставува дека проблемите внатре меѓу оние што блокираат на некаков начин се разгоруваат. Сега немаат работа, договорите се раскинати, ќе немаат работа ни во иднина, освен ако не се јават на новите огласи.

Многу губитници на сите страни – најголеми се скопјани и економијата на градот, потоа, за нивна жал, ќе бидат приватните превозници, а дури по нив Данела Арсовска. Без оглед колку промашувања направила, какви погрешни проценки донела, каков инает ја зафатил, во какви кавги влегла со партијата која ја „носеше на раце“ за време на кампањата, таа ќе го води Скопје уште три години. Има повици до Владата да се вмешала во оваа нелогична блокада. Но тоа е најлошата работа што може да ја направи Владата, затоа што со тоа ќе се најде на отворено поле да се брани од општите напади на опозицијата, која е власт во главниот град. Тоа, на извесен начин, е крајниот план на ВМРО-ДПМНЕ: да може да ја критикуваат Владата за случувањата во Скопје, а не тоа да го прават спрема самите себеси додека владеат со градот.

Градот Скопје почна да се откажува од многу негови надлежности најмногу поради незнаење на новата управа како да ги решава проблемите. И што треба сега? Владата да го преземе управувањето на Скопје? Како што беше речиси принудена со парното. Или како што беше насочена со Универзалната сала и други проекти кои се закочени. Во одреден момент Владата треба да повлече линија и да им овозможи на тие што ги бирале граѓаните да ги решаваат проблемите. Сето друго ќе ја зголеми за уште неколку степени скопската конфузија.

извор Независен.мк