18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

(ВИДЕО) Бахмут, крвава битка како во Првата светска војна, на Путин очајно му треба успех по серијата понижувачки порази

Напладне, на 4 декември, еден војник на Украинските вооружени сили постави кратко видео на Твитер, од приградската населба Опитне, во близина на Бахмут. Видеото го сподели Антон Герашенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.

Во обид да го освојат Бахмут, руските сили непрестано го бомбардираат градот и околните населени места од јули. Практично нема дел од градот што не е бомбардиран, често и по два или повеќе пати. Регионот околу градот каде што се утврдени украинските и руските вооружени сили изгледа како сцена од најжестоките фронтови во Првата светска војна.

„Што прави глупавиот Путин овде? Зарем нема доволно земја?“ – вели еден жител на Бахмут во видео прилогот на Радио Слободна Европа, пренесено од Си-Би-Ес.


Стратешки гледано, според британското воено разузнавање, освојувањето на Бахмут има симболично и политичко значење за Путин.

„Освојувањето на градот Бахмут нема големо оперативно значење, иако со таа победа, Русите би можеле посериозно да ги загрозат поглемите урбани подрачја Краматорск и Словјанск. Сепак, офанзивата е непропорционално скапа во однос на можните постигнувања [за Русија]. Реално, освојувањето на Бахмут доби примарно симболично значење, политичка цел за Русија.“

На Путин очајно многу му е потребна барем една победа, за да го компензира понижувачкиот пораз кај Херсон. Затоа, не штеди артилерија и животи на војниците за да постигне макар и една победа, без оглед на тоа колку тоа е воено-тактички важна позиција.

Украинските вооружени сили се во незапирлива офанзива да ја ослободат својата земја од руските агресори од крајот на август наваму.

Пред целосната инвазија што започна на 24 февруари 2022 година, Русија окупираше 42.000 квадратни километри (7%) од територијата на Украина (Крим, Донецк и Луханск). По почетокот на целосната инвазија, Русија окупира дополнителни 119.000 квадратни километри, вкупно 161.000 квадратни километри или 27% од територијата на Украина. Институтот за студии на војната пресмета дека од почетокот на целосната инвазија до 11 ноември (2 дена по ослободувањето на стратешки исклучително важниот Херсон), Украинските вооружени сили ослободија 74.443 квадратни километри од руска окупација.

Според Укринформ, од 24 февруари, до 4 декември, убиени се 91.550 руски војници, вклучувајќи 550 во текот на изминатото деноноќие (3 декември). Овој податок не е потврден од независни извори.

Битката за Бахмут продолжува.

Џ. Дерала

извор Civilmedia.mk

Спонзорирано: