Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СветТОП ВЕСТИ

ЕУ планира да замрзне дел од средствата на Унгарија поради проблеми во владеењето на правото

На Унгарија ѝ се заканува загуба на повеќе од 13 милијарди евра од фондовите на Европската Унија (ЕУ) по оценката на Европската комисија дека Будимпешта не ги спроведе ветените реформи за сузбивање на корупцијата на високо ниво и зајакнување на независноста на судството.

Добивај вести на вибер
Владата на десничарскиот популист Виктор Орбан, која со години е во конфликт со Брисел поради обвинувања за пад на демократијата, би можела со тоа да ги изгуби многу потребните пари, додека се соочува со пад на вредноста на форинтата, пораст на инфлацијата и забавување на економскиот раст, пишуваат светските медиуми.

Европската комисија најверојатно ќе го одобри унгарскиот план за закрепнување по пандемијата следната недела за да ја задржи отворена можноста за добивање средства од ЕУ, но исплатите нема да бидат извршени додека Будимпешта не ги исполни сите договорени услови, соопшти „Ројтерс“, цитирајќи извори од Комисијата.

Според шемата за закрепнување на ЕУ, Унгарија би можела да добие грантови од 5,8 милијарди евра. Тие пари, според агенцијата, ѝ се многу потребни на Будимпешта во екот на порастот на инфлацијата, забавувањето на економскиот раст и зголемувањето на трошоците за задолжување.

Можноста Европската комисија следната недела да задржи вкупно 13,3 милијарди евра наменети за Унгарија следуваат по повеќемесечните преговори со владата на премиерот Виктор Орбан поради загриженоста на ЕУ за корупцијата на високо ниво, независноста на судовите, невладините институции и медиумите, и малцинските права.

Унгарија требаше да преземе акција за некои од овие клучни прашања до 19 ноември, според претходен договор со комисијата, објави „Ројтерс“, истакнувајќи дека европските претставници рекле дека прелиминарната проценка покажала дека Будимпешта не направила доволно.

Брисел и Будимпешта се судрија околу владеењето на правото со години, а Унгарија е обвинета дека го користи правото на вето на ниво на Советот на ЕУ за да обезбеди отстапки и средства, истакнува Еуроњуз, додавајќи дека Унгарија во моментов го блокира усвојувањето на глобалната корпоративен данок договорен минатата година од повеќе од 130 земји и најави дека ќе стави вето на планот на Комисијата за издавање заеднички обврзници за собирање 18 милијарди евра помош за Украина.

Унгарија е изложена на ризик да ги загуби средствата од ЕУ, бидејќи владата и централната банка се борат да го спречат падот на вредноста на форинтата, која падна за повеќе од 2 отсто во однос на еврото од вторникот, 22 ноември, според Блумберг, истакнувајќи дека Последниот пад на унгарската валута ги избриша добивките на подолг рок.

Будимпешта сега се соочува со зголемени критики бидејќи владата на Орбан со години ги оспорува демократските и мултикултурните вредности на ЕУ и исто така се соочува со обвинувања за уцена поради отпорот на мерките на ЕУ за низа прашања – од имиграција до санкции против Русија.