13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСТАВ

Сталин и седумте џуџиња… И вести на МРТ. Ракија и салата од зелка.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Ги гледам „кутрите“ проруски пропагандисти и путинисти како се прпелкаат во истите пропагандни шеми со месеци. Руската пропагандна машинерија доживеа речиси подеднакво срамни порази како и воената на самите линии на фронтот долг илјада милји во Украина. Дефинитивно им е потребна нова скрипта.

Но локалните агитпроп матрјошки не можат да очекуваат нова скрипта, кога ни Путин и Лавров не се откажуваат од својата „стара добра“ сталинистичка пропагандна шема, само во нова технолошко-комуникациска руба. Впрочем, тешко дека им преостанува нешто друго, освен секојдневно да ги повторуваат големите лаги.

Иако одржува комплексна и скапа пропагандна машинерија, пораката што доаѓа од Кремљ е, релативно, едноставна. Упорно порекнување и валкани лаги со единствена цел – да се прикријат или барем да се искриват фактите и вистината, како за ужасните злосторства, така и за големите порази.

Локалната проруска агитпроп солдатеска е широко распространета низ македонските медиуми. Ќе ја најдете „и кај едните и кај другите“, па и во јавниот сервис МРТ (сопственост на сите македонски граѓанки и граѓани, претставени во парламентот). Само еден од многуте (секојдневни) примери за тоа како јавниот сервис игра во тактот на путинистичкиот хорово́д, се вестите во Дневник 2, на 18 ноември (19:30 часот).

Лавров е главен протагонист. На ТВ екраните оди ликот на Лавров и кајрон во кој се цитира неговата изјава дека голем број држави не ги поддржуваат санкциите против Русија. Тој тоа го изјави во контекст на „хибридната војна“ што божем се водела против неговата земја (Матрјошки, слободно кликнете на линкот, на руското МНР е). Да не беа трагични околностите во кои се наоѓа светот, токму поради ѕверската инвазија на државата што ја претставува Лавров, ова ќе беше хумореска.

Пораката што треба да ја добијат гледачите од овој прилог е толку очигледна манипулација што навистина не заслужува посебно да се анализира и објаснува. Доволно е да се спомене дека една недела по почетокот на руската инвазија против Украина, 141 држави ја изгласаа резолуцијата на Генералното собрание на ОН на 2 март. Против беа пет држави (Русија, Белорусија, Северна Кореја, Еритреја и Сирија), воздржани беа 35.

Што се однесува до санкциите, голем е бројот на државите што воведоа санкции против Русија по агресијата врз Украина уште во 2014 година. САД, ЕУ, Велика Британија, Швајцарија, Канада, Австралија, Јапонија и многу други, меѓу кои и повеќето држави на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, се дел од светскиот демократски „фронт“ кои со санкции, но и со директна хуманитарна и воена помош го искажуваат својот став против бруталната воена агресија на Русија.

Да се вратиме на споменатите вести на МРТ. Веднаш по Лавров, МРТ „долета“ во Вашингтон за да ѝ открие на својата публика дека Републиканците ќе му стават „крај на бесконечното финансирање на Украина“. Уште една манипулација.

Факт е дека Републиканците освоија тенко мнозинство во Претставничкиот дом во Конгресот, додека Демократите добија тенко мнозинство во Сенатот. Точно е и тоа дека Републиканците најавија построга контрола на висината на средствата што се одвојуваат за воена и финансиска помош на Украина. Исто колку што е точно дека и самата Републиканска партија е поделена по ова прашање и дека досегашните пакети за помош на Украина во вкупна вредност од 54,43 милијарди долари, ги изгласаа двете партии.

Дел од републиканските претставници во највисоките институции на власта во САД континуирано бара поголема контрола и намалување на помошта. Тоа секако е дел од демократската контрола на власта. Во меѓувреме, Белата куќа побара од Конгресот нов пакет од 37,7 милијарди долари помош за Украина. Како и досега, се очекува остра расправа и по ова прашање. Но МРТ не ги гледа овие работи, туку прогласи крај за американската помош за Украина.

Веднаш по овие вести за Лавров и Републиканците, од кои гледачите би требало да извлечат заклучок дека, ете, Украина конечно ќе ја изгуби војната и сите сложно ќе здивнат под сенката на големата Матушка Россия, следеше и веста од Пјонгјанг. Северна Кореја лансира интерконтинентална балистичка ракета со висок дострел. Си-Ен-Ен цитираше севернокорејски, јапонски и американски извори кои ја потврдија веста дека ракетата има капацитет да погоди цели во САД, односно било каде во светот. Исто како и ракетите лансирани во 2017 година и на 24 март оваа година. Но важно е дека САД може да бидат погодени од севернокорејските ракети!

Значи, браво МРТ, заслужи орден од редот Сталин и седумте џуџиња, особено поради изборот, обработката и редоследот на вестите. Путин и Русија не се сами! Тука е и Северна Кореја, на чие чело е Ким Јонг Ун, најлудиот од династијата на диктатори на таа земја. Американци, Европејци и слични на нив, држете се, огнената казна ќе ве стаса кога-тогаш!

Прекрасни вести за пензионерската вечерна трпеза. Се препорачува консумирање на овие вести заедно со домашна жолта или бела лозова ракија и ситно сецкана зелка. А потоа, пред спиење, време и за песна… „Америка и Енглеска, биќе земља пролетерскааа.“ Но да не се заборават ни „Едно име имаме“ и „Нека разберат клетите…“, разбира се. Може оној Дерала да пишува колку сака дека судбината на Украина е и судбина на светот, ние си живееме во друг, паралелен свет, поубав свет, руски! (линкот не се препорачува за Матрјошките).

Ајде, да привршиме со ова утринско еспресо, имајќи предвид дека случајот со петочните вести на МРТ е само пример, еден од многубројните. Што би рекол мојот колега Дехран, РТ и Спутник беа санкционирани, ама (по сѐ изгледа) нема кој да им застане на патот на домашните „спутниковци“ (и овој линк не е за Матрјошките).

Зошто МРТ е важен, иако веројатно има помалку гледачи отколку што Јанко Бачев има членови на неговата минијатурна партија? Затоа што има 15 милиони евра буџет во 2022 година – пари на сите македонски граѓанки и граѓани. Повеќе од една деценија е легло на партиска, националистичка и антизападна пропаганда. Со Програмски совет, компониран на салфетките на Груевски, чиј мандат е истечен. И со партиски директор (ре)избран од телото (советот) без мандат. А најважно од сѐ: Затоа што е јавен сервис!

извор Civilmedia.mk

Спонзорирано: