3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СВЕТ

Бајден по пукањето во геј клубот: Не смееме да толерираме омраза

Американскиот претседател Џо Бајден во неделата, реагирајќи на пукањето во кое беа убиени најмалку пет лица во ЛГБТК клуб во Колорадо, рече дека омразата не може и не смее да се толерира.

– Не можеме и не смееме да толерираме омраза. Во моментов нема јасен мотив за овој напад, но знаеме дека ЛГБТКИ+ заедницата е цел на ужасно насилство исполнето со омраза во последните години – рече Бајден.

Тој рече дека претходно оваа година го потпишал „најзначајниот закон за безбедност на оружјето во речиси три децении“.

– Но, мораме да направиме повеќе. Треба да донесеме забрана за јуришно оружје за да го извадиме военото оружје од улиците на Америка – рече Бајден.

Пет лица загинаа, а 18 се повредени во пукотницата во саботата во геј клуб во Колорадо Спрингс, во американската сојузна држава Колорадо.

Осомничениот е во притвор, изјави за новинарите полициската службеничка Памела Кастро.

Club Q, како што се рекламира на Google, е „ноќен клуб за возрасни хомосексуалци и лезбејки со тематски ноќи, вклучувајќи караоке, драг-шоу и диџеј-забави“.

Полицијата дознала за пукањето нешто пред полноќ, изјави Кастро, но не даде никакви информации за можниот мотив за нападот.

Клубот објави дека е „уништен од безумниот напад врз нивната заедница“ и дека „напаѓачот бил поразен и запрен во неговата кампања на омраза благодарение на брзата и херојска реакција на нашите гости“.