18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТИЗБОР

Американец осум месеци се криел во Херсон: „Живеев како пустиник, бев параноичен“

Тимоти Моралес, 56-годишен професор по англиски јазик од САД, поминал осум месеци криејќи се во Херсон од руските сили.

За да не биде забележан од руски патроли, тој останал во својот стан и гледал филмови на својот лаптоп. Секогаш кога било сончево, тој се шетал низ малите дворови со ѕидови. Внимателно ѕиркал низ прозорците, во страв да не го видат руските војници кои се вселиле во зградата спроти него.

Живеел во страв затоа што мислел дека поради неговата националност Русите може да го гледаат како мета. Успешно се криел осум месеци, а во јавноста се појави дури откако Украинците влегоа во градот на југот на земјата минатата недела по повлекувањето на Русите.

„ Имаше моменти кога бев очаен“ изјави Моралес за „Њујорк тајмс“.

Иако е слободен, Херсон се уште е во темнина. Нема струја, вода, ниту парно. Повеќето негови жители побегнала пред неколку месеци, а Русите при нивното повлекување одзеле се што можеле. Оние жители на Херсон кои останаа стоеја во ред секое утро за леб и вода. Првите хуманитарни конвои во градот пристигнаа дури во вторникот, носејќи брашно, сапун, марамчиња и слатки.

Пред Русија да ја нападне Украина на крајот на февруари, Моралес отворил училиште за англиски јазик во Херсон.

Во првите неколку дена од војната во Украина, тој бил заглавен на руската страна на фронтот. Еднаш се обидел да побегне преку автопатот што води кон северна Украина, но се вратил во градот веднаш штом видел руски тенкови како тргнале на тој пат. Тој се грижел за својата 10-годишна ќерка, која го напуштила градот заедно со поранешната сопруга, а тој не можел да замине.

„ Не сакав да го ризикувам мојот пасош“ рече тој.

Роднините на неговата поранешна сопруга, Украинка, му носеле храна, а понекогаш тој одел во продавница каде работела тинејџерка на која и верувал. Бидејќи таа имала проукраински ставови, се надевал дека нема да го предаде на окупаторите. Но, таквите патувања до продавницата биле исклучок и тој главно живеел како пустиник.

Во септември, излегол во дворот и видел руски војници како ги туркаат пушките низ порозна метална ограда. Веднаш се вратил во станот и ја заклучил вратата. Набргу потоа пристигнала руска патрола. Соседката му рекла дека нема избор и дека мора да им ја отвори вратата.

Кога отворил, се нашол лице в лице со офицер на ФСБ. Моралес зборува руски, но не доволно за да глуми локалец. Така, тој му рекол на агентот дека е Ирец и дека се вика Тимоти Џозеф. Рекол дека е професор по англиски јазик и дека го изгубил пасошот. Агентот потоа заминал. Соседката му рекла на агентот на ФСБ дека „Џозеф“ не е сомнително лице.

„ Тоа ми ја промени перспективата. Предходно бев претпазлив, а потоа станав параноичен“ – раскажува Моралес.

Додека бил во некој вид на заробеништво, Американецот успеал со помош на соседите да стапи во контакт со своите ученици и да им предава англиски јазик преку интернетот на соседот.

Спонзорирано: