21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТТОП ВЕСТИ

Зеленски им се обрати на шефовите на Г20: „Сега е време да се запре разорната војна на Русија“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето со видео врска до светските лидери собрани на самитот на Г-20 во Индонезија рече дека сега е време да се запре руската војна во неговата земја, според неговиот предложен мировен план.

„Убеден сум дека сега е време кога руската деструктивна војна мора и може да се запре“, рече Зеленски.

„Постои украинска формула за мир. Мир за Украина, Европа и светот. И има голем број решенија кои можат да се спроведат за навистина да се гарантира мирот.

Со учеството на самитот изнесов предлози за вакви одлуки – конкретни и искрени. Украина им нуди на водечките земји во светот да бидат ко-креатори на мирот со нас.

Значи, условите на Украина за мир:

1. Нуклеарна безбедност 2. Безбедност на храна
3. Енергетска безбедност 4. Ослободување и враќање на затворениците и депортираните 5. Имплементација на Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок 6. Повлекување на руските војници и прекин на борбите“, објави Зеленски на својот Фејсбук по неговиот говор.

„Нема да дозволиме Русија да чека и да ги зајакне своите сили… Убеден сум дека сега е моментот кога руската војна мора и може да се запре“, додаде тој.

Тој рече дека Русија мора да го потврди територијалниот интегритет на Украина, да ги повлече своите војници од украинската територија и да плати компензација за предизвиканата штета.

Војната треба да заврши „праведно и врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“, рече украинскиот претседател. Тој повика на повторно воспоставување на „радијациона сигурност“ во однос на нуклеарната централа Запорожје, воведување ограничувања на цените на руските енергетски ресурси и проширување на иницијативата за извоз на жито и ослободување на сите украински затвореници.

Зборувајќи за конфликтите во украинската нуклеарна централа Запорожје, Зеленски рече дека никој нема право да го уценува светот со нуклеарна катастрофа и дека Русија ја претворила централата во радиоактивна бомба која може да експлодира во секој момент.

„Ве молиме изберете го вашиот лидерски пат – и заедно сигурно ќе ја спроведеме формулата за мир“, им рече тој на учесниците на самитот.

Соединетите Држави очекуваат Г20 да ја осудат руската војна во Украина и нејзиното влијание врз глобалната економија, изјави претходно висок американски функционер.

Русија својата акција во Украина ја нарекува „специјална операција“ за разоружување на Украина и заштита од фашистите. Украина и Западот велат дека фашистичките обвинувања се неосновани и дека војната е неиспровоциран акт на агресија.

Откако Русија објави дека претседателот Владимир Путин е премногу зафатен за да присуствува, на самитот на Г20 беше претставена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Спонзорирано: