19.8 C
Скопје
16. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ: 210 милиони евра хуманитарна помош за 15 земји

Европската комисија денеска донесе одлука за нов пакет хуманитарна помош од 210 милиони евра за 15 земји.

Комисијата процени дека оваа година несигурноста со храната достигна невидено ниво, при што најмалку 205 милиони луѓе моментално се во состојба на екстремна несигурност на храна и на кои им е потребна итна помош, а ситуацијата е драматична и постои ризик од глад во Авганистан, Етиопија, Нигерија, Јужен Судан, Сомалија и Јемен, соопшти извршното тело на Унијата.

„Мораме да дејствуваме за да избегнеме глад во некои од најсиромашните делови на светот“, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Од овој пакет два милиони евра се наменети за Буркина Фасо и Нигерија, по еден милион за Мали и Чад, а четири милиони евра за Централноафриканската Република.

Потоа во источна и јужна Африка девет милиони евра се наменети за Судан за помош на ранливите популации, шест милиони евра за Јужен Судан, 10 милиони евра се наменети за Етиопија за безбедност на храната, помош за живот, исхрана, вода и 10 милиони евра се за Сомалија за најранливите групи на население.

Од земјите на Блискиот Исток, 35 милиони евра одат во Јемен, 15 милиони евра во Сирија и 5 милиони евра во Либан за бегалците и за основните потреби на граѓаните на оваа земја.

Комисијата процени дека 24 милиони луѓе во Авганистан се загрозени и испраќа 75 милиони евра во оваа земја за безбедност на храната, како и за помош по природните катастрофи кои неодамна ја погодија земјата.

На Пакистан му беа доделени 10 милиони евра помош по поплавите кои имаа големо влијание врз храната и безбедноста на населението.

Кога станува збор за Латинска Америка, ЕК испраќа 30 милиони евра за регионалната криза во Венецуела за најитните потреби на населението, и внатре и надвор од земјата, особено во Колумбија, Еквадор и Перу, а пет милиони евра за сувиот коридор на Централна Америка за снабдување со храна и вода.

Вкупната европска поддршка за глобалната безбедност на храната изнесува осум милијарди евра во периодот од 2020 до 2024 година.

Спонзорирано: