Американското Министерство за одбрана привремено ги суспендираше сите испораки на борбениот авион Ф-35, предводник на американските воздухопловни сили.
Како што соопшти вчера Пентагон, причината е што во авионот има компонента направена од легура со потекло од Кина, што ги прекршува федералните прописи.
Од министерството велат дека причина за таа одлука бил магнетот во моторот, кој користи легура на кобалт-самариум која потекнува од Кина. Поточно, тој магнет е дел од турбо моторот што го придвижува генераторот на стартерот за моторот на авионот.
Според Пентагон, овој материјал не претставува никаква опасност.
„Утврдивме дека овој магнет не пренесува информации или не го оштетува интегритетот на авионот и дека нема ризици поврзани со него во однос на перформансите, квалитетот и безбедноста“, рече портпаролот на Пентагон Ра Гемер, додавајќи дека сите претходно испорачани Ф- 35-ки ќе продолжат со нормална работа.
Како што е сега, регулативите на САД и политиката на Пентагон забрануваат употреба на одредени метали и легури од голем број земји, вклучувајќи ги Кина, Иран, Северна Кореја и Русија.
Според портпаролот на Пентагон, Локхид Мартин, главниот производител на ловецот од петтата генерација, доброволно ја пријавил неправилноста и веќе нашол алтернативен извор за компонентата. Исто така, се спроведува истрага за тоа како дошло до грешката, додаде тој.
Компанијата планира да испорача до 153 од овие авиони на американската војска и меѓународните партнери во 2022 година, а досега се испорачани 88.