11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најмалку пет лица загинаа во земјотресот од 7,6 степени што ја погоди Папуа Нова Гвинеја

Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Папуа Нова Гвинеја, одземајќи најмалку пет животи.

Жителите на северните градови лоцирани во близина на епицентарот известија за силен земјотрес кој оштетил згради и патишта и предизвикал лизгање на земјиштето.

Локалниот парламентарец Кеси Саванг објави дека најмалку две лица загинале во оддалечените села во планините, а уште четворица се во критична состојба и биле пренесени во болница со хеликоптер.

Саванг изјави за агенцијата Франс прес дека лизгањето на земјиштето покрило куќи и „пресекло“ едно село. Во блискиот град Вау, локална компанија објави дека тројца нејзини рудари се закопани живи.

На тој простор комуникацијата е ограничена, а патиштата се во лоша состојба, поради што проценката на последиците од земјотресот и спасувачките операции се отежнати.

Во спасувањето учествуваат мали авиокомпании и групи волонтери.

Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Порт Морзби, на околу 480 километри. Американскиот геолошки институт претходно издаде предупредување поради можноста од цунами, но подоцна објави дека опасноста поминала.

Лидерот на Папуа Џејмс Марапе рече дека земјотресот бил силен и советуваше да се внимава, но додаде дека очекува штетите да бидат помали отколку во 2018 година, кога земјотресите однесоа повеќе од 150 животи.

Сепак, се уште не се познати вкупните последици од денешниот земјотрес. Земјотресот бил на длабочина од 61 километар. Папуа Нова Гвинеја се наоѓа на пацифичкиот „огнен прстен“ и таму земјотресите се многу чести.

Спонзорирано: