19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД воведоа санкции на Иран поради сајбер нападот врз Албанија

Соединетите Американски Држави вчера воведоа санкции против иранското министерство за разузнавање и неговиот министер, обвинувајќи ги дека се поврзани со сајбер нападите врз Албанија во јули и дека се вклучени во други сајбер активности против САД и нивните сојузници.

Овој потег следи откако Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, наредувајќи им на иранските дипломати и персоналот на амбасадата да си заминат во рок од 24 часа.

Американското Министерство за финансии објави во соопштение дека иранското Министерство за разузнавање управува со неколку мрежи на сајбер закани, вклучително и оние кои се вклучени во сајбер шпионажа и компјутерски напади за поддршка на иранската влада.

„Нема да ги толерираме сè поагресивните сајбер активности на Иран“, рече во соопштение потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Нелсон. Иран ги занемари „нормите на одговорно однесување на мирновременски држави во сајбер просторот“, додаде американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Иран ги отфрли санкциите како неефикасни и политички мотивирани.

„Како и претходните незаконски американски санкции против Министерството за разузнавање, оваа нова мерка никогаш нема да може да создаде ни најмало нарушување во определбата на иранските служби за национална безбедност во оваа горда институција“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.

„Најавата за поддршка на САД за лажните обвинувања на албанската влада против Иран јасно покажува дека американската влада го смислила ова сценарио против Иран“, ги објавија зборовите на Канани иранските државни медиуми.

Мајкрософт, чиј истражувачки тим за сајбер-безбедност помогна во истрагата на инцидентот, во блог пост во четвртокот рече дека иранската сајбер операција вклучува комбинација од техники за дигитална шпионажа, малициозен софтвер за бришење податоци и операции на онлајн информации.

Целта на хакерот, според истражувачите, се чини дека била да ги засрами албанските владини претставници. Нападите во јули привремено ги прекинаа владините веб-страници и другите јавни услуги. Аналитичарите велат дека целта на операцијата била да се казни Албанија поради поддршката на иранската дисидентска група со седиште во земјата, позната како Муџахедин-е Калк.

Спонзорирано: