9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тензии меѓу САД и Кина пред посетата на Ненси Пелоси на Тајван

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси денеска пристигна во Малезија во рамките на нејзината азиска турнеја, во која треба да го посети и Тајван.

Сепак, посетата може да доведе до ескалација на тензиите со Пекинг, кој ја смета територијата за своја и ја смета посетата на висок американски функционер како поддршка на САД за независноста на Тајван.

И покрај тоа што нема официјални најави дека Пелоси ќе го посети Тајван, локалните медиуми објавија дека таа вечерва ќе пристигне во Тајпеј, со што ќе стане највисокиот американски функционер што ја посетил земјата во последните 25 години.

Денеска зборуваше и тајванскиот премиер Су Ценг-чанг, кој рече дека неговата земја топло ги пречекува гостите од странство, а на прашањето за потенцијалната посета на Пелоси, тој рече дека Тајван ќе ги направи „најсоодветните аранжмани“ за такви гости и ќе ги почитува нивните планови, пренесува Ројтерс..

Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Тајван го зголеми нивото на борбена готовност од денеска до четврток попладне, објави тајванската официјална новинска агенција, повикувајќи се на неименувани извори.

Исто така, беше објавено дека меѓународниот аеродром во Тајпеј добил заканувачко писмо во кое се наведува дека ќе бидат поставени три експлозивни направи за да се спречи доаѓањето на претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Се наведува и дека заканувачкото писмо пристигнало во два часот по полноќ, со приложена фотографија од терминалот 3 на тој аеродром.

Според еден од изворите на британската агенција, кинески борбени авиони утринава полетале во близина на централната линија што го дели Тајванскиот теснец, необичен потег што изворот го опиша како „многу провокативен“. Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, предупреди на реперкусии, велејќи дека нејзината војска „повеќе нема да седи со скрстени раце“ доколку Пелоси ја продолжи турнејата.

Белата куќа ја осуди реториката на Пекинг, велејќи дека САД не се заинтересирани за продлабочување на тензиите со Кина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Кина да се „однесува одговорно“ во случај Пелоси да ја продолжи посетата.

Спонзорирано: