Речиси милион луѓе во предградијата на Вухан, централниот кинески град каде што за прв пат беше откриен коронавирусот, се ставени во карантин.
На жителите на областа Џиангсија им беше кажано да останат во затворени простории три дена откако беа откриени четири асимптоматски случаи на Ковид.
Затворени се местата за забава, вклучително и барови, кина и интернет кафулиња, мали клиники и земјоделски пазари, рестораните и големите собири, од претстави до конференции се суспендирани. Затворени се и сите места за богослужба и верските активности се забранети, додека туристичките атракции престанаа да работат.
Целиот јавен превоз, од автобуси до метро, е суспендиран и жителите се повикани да не ја напуштаат областа освен ако е апсолутно неопходно.
Властите, исто така, идентификуваа четири високоризични населби каде на жителите им е забрането да ги напуштаат своите домови. Уште четири населени места се означени како среден ризик, што значи дека жителите не можат да ги напуштат своите имоти.
Кина сè уште се држи до својата стратегија „нулта ковид“, која вклучува масовно тестирање, строги правила за изолација и локални заклучувања. Ова резултираше со многу помалку смртни случаи отколку во многу други земји.
Сепак, оваа стратегија се соочува со зголемен отпор бидејќи луѓето и бизнисите треба да издржат низа ограничувања.
Во Вухан, град со скоро 12 милиони луѓе, рутинското тестирање откри два асимптоматски случаи пред два дена. Уште два случаи беа откриени преку следење на контакти набргу по воведувањето на заклучувањето.