4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТИЗБОР

Предупредување од САД: Кинеската војска е сè поагресивна и опасна

Началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили за време на посетата на индо-пацифичкиот регион рече дека кинеската војска станува сè поагресивна и опасна.

Тој рече дека значително е зголемен бројот на пресретнувања против САД и нивните сојузници од кинески авиони и бродови во регионот на Пацификот, како и бројот на ризични средби.

„Пораката е дека кинеската војска, во воздух и на море, стана значително и забележливо поагресивна во регионот“, рече Мили.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ја смета Кина за „закана што напредува“ и примарен долгорочен предизвик за безбедноста на САД.

Следната недела Мили ќе учествува на состанокот на началниците на одбраната на земјите од индо-пацифичкиот регион, а главни теми ќе бидат зајакнувањето на кинеската војска и потребата од слободен, отворен и мирен Пацифик.

Тој денеска по средбата со генералот Андик Перкас, командант на индонезиската армија, рече дека земјите од Пацификот, како Индонезија, сакаат американско воено учество во настаните во регионот.

Мили додаде дека Индонезија има клучна стратешка важност во Пацификот и дека земјата долго време е важен партнер на Америка.

Андика рече дека Индонезија забележала дека Кина ги користи бродовите поцврсто и „малку агресивно“ во врска со поморските територијални спорови со Индонезија.

Американските воени претставници претходно предупредија дека Кина би можела да го нападне Тајван, самоуправен демократски остров што Пекинг го смета за одметничка провинција.

Тие изјавија и дека Кина сака да биде подготвена за тој потег до 2027 година.