10.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАТЕМАСВЕТ

Оружјето од Украина се шверцува во ЕУ, потврди Европол

Европската полициска служба Европол ги потврди информациите во германските медиуми дека постојат индиции дека се шверцува оружје од Украина на територијата на Европската унија.

Свесни сме за случаи на продажба на огнено оружје и воена опрема на нелегален пазар, изјави портпаролот на Европол Јан Оп Ген Орт, со што го потврди извештајот на германскиот јавен сервис, пренесува Дојче веле.

Истражните органи од земјите на Европската унија собрале и информации за шверцот на тешко наоружување.

„Постои голема опасност ова оружје да падне во рацете на организираниот криминал“, изјави портпаролот на Европол.

Германскиот јавен сервис во својот извештај ги наведе внатрешните досиеја на Европол, во кои се наведува дека „криминалните мрежи во регионот се активни и организираат и подготвуваат шверц на големи количини огнено оружје и муниција“.

Исто така, постојат индиции дека оружјето наменето за понатамошен транспорт тајно се складира долж украинско-полската граница.

„Членовите на банди легално ја минуваат границата, а потоа одат во тајни магацини за да набават оружје“, се цитира од внатрешните досиеја на Европол, во кои се евидентирани и случаи во кои поединци се обиделе да ја преминат границата кон Полска носејќи воено оружје.

Според портпаролот на Европол, на „Даркнет“ се појавиле понуди за продажба на противоклопни ракети Џавелин од американско производство, но тој посочи дека треба да се провери и да се утврди дали се работи за реални понуди или за руска пропаганда.

Истиот проблем постоеше и за време на војната во поранешна Југославија
Германските медиуми потсетуваат дека овој проблем постоел и за време на војната на територијата на поранешна Југославија, кога имало и шверц на воено оружје.

„Од војната во Косово е познато дека военото оружје претставува голем безбедносен ризик. Военото оружје често завршува во рацете на екстремистите и организираниот криминал“, рече пратеникот на Бундестагот на Зелените, Константин Фон Ноц.

Медиумите потсетуваат и дека терористичките напади во Париз во 2015 година беа делумно извршени со оружје со потекло од поранешна Југославија и дека кај некои терористи биле пронајдени дури и противоклопни ракети од југословенско производство.

Спонзорирано: