9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото ДСНС Украина/Харков
ТЕМАСВЕТ

Во нападот на Харков загинаа 15 лица, меѓу кои и едно дете

Петнаесет лица, меѓу кои и едно осумгодишно дете, загинаа во руски оган во областа Харков во североисточна Украина.

Оваа вест вчера ја потврди гувернерот на тој регион.

– Загинаа 15 лица, а 16 се повредени. Ова се ужасните последици од руското гранатирање среде бел ден во областа Харков – изјави гувернерот Олег Синегубов, додавајќи дека сите загинале и повредени во четири одвоени бомбашки напади.

Руските сили го гранатираа Шугив, град на околу 30 километри југоисточно од Харков, при што загинаа шест лица, а четворица беа ранети, рече тој.

Уште пет лица загинаа, а 11 се повредени во самиот Харков, додека осумгодишно момче чија мајка е повредена, загина во напад во предградијата.

Три лица загинаа во Золочив, град на 40 километри северно од Харков.

– Ова е тероризам. Тоа се злосторства против човештвото кои мора да бидат казнети – рече гувернерот.

Многу жители на регионот Харков, кој се граничи со Русија, побегнаа на почетокот на инвазијата, а потоа почнаа да се враќаат во своите домови откако беа спречени обидите на руските сили да заземат друг украински град.

Харков, кој се наоѓа на 50 километри од руската граница, претрпе силно бомбардирање на почетокот на инвазијата, но украинските сили ја вратија контролата по борбите кои предизвикаа големи разурнувања.

Оттогаш руската армија ги насочи своите напори во регионот на Донбас, кој ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск југоисточно од Харков.

*фотографијата е илустративна.

Спонзорирано: