21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бугарското МНР: До крајот на француското претседателство нема услови за конечно решавање на спорот

Министерството за надворешни работи на Бугарија објави став за предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Се вели дека во оваа фаза и во овие рокови е невозможно да се дојде до решение на отворените прашања. Според МНР, предлогот е добра основа за идното решавање на спорот.

„Во оваа фаза повеќе не постои објективна можност за исполнување на краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, неопходни гаранции за бугарските интереси и за правата на Бугарите во соседната земја. Можно е до крајот да има јасност за следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија со сите потребни гаранции за бугарските интереси и правата на Бугарите во Северна Македонија“, велат од бугарското МНР.

Го поздравуваат, како што велат, конструктивниот пристап на Франција, која имаше средби со сите бугарски институции на темата и по долга работа покажала разбирање за позициите на државата.

„Франција го докажа не само пријателството со нашата земја, туку и посветеноста на процесот на проширување на ЕУ“, велат од бугарското МНР, пренесе БГНЕС.

Од Министерството додаваат дека сега целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание, која се’ уште нема закажано состанок на оваа тема.

„Би било пожелно Комисијата за надворешна политика веднаш да го свика овој состанок со учество на Министерството, да се разговара за сите достапни документи, да се формулира консолидирана бугарска позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако Советот на министри веќе го изразеше своето мислење за ова важно прашање за земјата. Доколку тоа не се случи во најбрз можен рок, МНР има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Националното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од оваа година“, велат од бугарското МНР.

Спонзорирано: