33.8 C
Скопје
28. јуни 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Војна во Украина Centar Свет

Путин одржа голем говор: Сетете се на Југославија…

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин денеска им се обрати на гостите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург и се осврна на санкциите воведени од Западот врз Русија, како и на севкупната економска ситуација во Русија.

На почетокот на своето обраќање на меѓународниот форум, Путин истакна дека настанот се случува во тешки времиња, особено ако се земат предвид санкциите што Западот ги воведе кон Русија.

„Лидерите на Запад се обидуваат да живеат во минатото и мислат дека доминацијата на западната политика е нешто што нема да се промени, тоа е вечно. Ништо не е вечно, но нашите колеги не сакаат да го прифатат тоа. Тие мислат дека е сè им е двор и ги третираат земјите како колонии, луѓето како пониска класа. Сакаат да вршат притисок на секој кој нема да ги послуша. Се обидуваат да наметнат идеи за етика и култура кои ги доведуваат во прашање интегритетот и суверенитетот на државите. Сетете се на Југославија, Сирија и Ирак“, рече Путин.

Потоа, тој нагласи дека Западот сака да ја урне руската економија.

„Тие сакаат да ја соборат руската економија со прекинување на дистрибутивните синџири, повлекување на западните компании од Русија и притисок врз рускиот финансиски систем, но нивниот план не успеа. Руската влада работеше професионално, граѓаните се однесуваа правилно. Чекор по чекор носиме повеќе стабилност на нашиот пазар, банкарскиот систем и имаме многу повеќе ликвидност со цел да ја развиеме стабилноста на компаниите и да отвориме многу повеќе работни места“, рече рускиот лидер.

Тој рече дека Русија, како и секогаш, ќе се извлече од секој проблем.

„Мислеа дека рубљата ќе ослабне. Сепак, ние се погриживме да биде поинаку. Сакам да кажам дека мора да бидеме искрени, отворени, независни и да веруваме во нашата сила. Ние сме силни луѓе и можеме, како и нашите предци, да се соочиме со сите проблеми.“

После тоа рече дека санкциите се меч со две острици и дека Европа веќе го чувствува тоа.

„Овие санкции, како што знаете, се покажаа дека одат во две насоки. Тие прават иста штета на оние кои ги воведуваат овие санкции. Зголемувањето на цените на енергијата, храната и сè друго, стандардот паѓа како и конкурентноста на компаниите. Ова е реалноста која е надвор од здравиот разум. Инфлацијата во одредени делови на ЕУ е повисока од 20 отсто, а тие немаат покренато никаква специјална операција“, изјави шефот на Руската Федерација.

Иако призна дека до одреден степен состојбите во економијата се детерминирани од т.н Руската специјална воена операција во Украина, Путин објасни дека економскиот колапс започнал порано, благодарение на западните земји.

„Она што го гледаме сега во Русија и другите економии не е само резултат на специјална операција во Украина. Гледаме дека таа започна многу порано отколку во февруари 2021 година, а причината се макроекономските политики на земјите од Г7. Печатеа нови пари, позајмуваа пари што никогаш нема да бидат вратени. Каква врска може да има нашата операција со тоа? Немаа друг излез, владите почнаа да печатат пари и на тој начин да ги покриваат буџетските дефицити“, рече Путин.

„Европа има 20 отсто повеќе пари, печатеа и тие. Го слушам изразот ‘инфлацијата на Путин’. Кој ќе верува во тоа? Кој ќе се согласи со тоа? Сите што имаат памет знаат дека немаме врска со ситуацијата. Проблемот со енергенсите, со храната, е резултат на системски грешки на бирократите во Вашингтон и Европа. Коренот на проблемот е политиката на западните политичари и тие сакаат да нè обвинат за сопствените грешки. Печатењето пари нема да ви ги реши проблемите“, рече тој.

Во својот говор тој се осврна и на енергетската политика на Европската Унија.

„Слепо веруваа во обновливите извори на енергија и тоа доведе до масовен пораст на цените на енергенсите минатата година. За то нè обвинуваат нас. Гледаме дека земјите се обидуваат да ги решат своите проблеми на сметка на другите. На овој начин тие започнаа хуманитарен катастрофа во многу делови од светот. Тоа е истата колонијална политика што и претходно се спроведуваше, само со други средства“, заклучи Путин.

Тој зборуваше и за обвинувањата дека Русија го блокира извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.

„Русија е подготвена да разговара за урамнотежување на снабдувањето со храна, нормализирање на логистиката и други патишта за зголемување на извозот на руска храна во остатокот од светот. Ние не го блокираме извозот од украинските пристаништа и сме подготвени да обезбедиме бродовите да извезуваат жито“, порача претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.