3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

18.000 тони украинска пченка пристигнаа во Шпанија преку Балтичкото Море

Товарен брод со 18.000 тони украинска пченка денеска пристигна во Шпанија, бидејќи, како што соопшти Шпанската земјоделска асоцијација, товарот првпат поминал преку Балтичкото Море за да се избегне руската блокада.

Бродот „Алпила“, кој пловел под финско знаме, утрово пристигна во Корун, Галиција во северозападна Шпанија, каде треба да се истовари пченката наменета за добиточна храна.

Според галициското здружение на производители на добиточна храна Агафак, до кое е испратена нарачката, пченката била транспортирана од Украина во Романија и Полска со камион пред да пристигне во полското пристаниште Свинојшие на Балтичкото Море.

Бродот потоа се закотви во германското пристаниште Брунсбутел северозападно од Хамбург пред да стигне до шпанскиот брег.

– Ова е прво испраќање жито на новата поморска рута отворена на Балтикот со цел да се заобиколи блокадата што руската морнарица ја одржува во украинските пристаништа на Црното Море од почетокот на војната – наведе шпанската компанија Агфац.

Украинското Министерство за земјоделство не може да потврди за Франс прес дека ова е прв пат да се испорачува стока по овој пат.

Кога на 24 февруари започна руската инвазија на Украина, извозот на житарки и вештачки ѓубрива беше блокиран, што се закануваше со прехранбена криза во многу земји, пред се во Африка и на Блискиот Исток.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев во моментов извезува два милиони тони жито со воз секој месец, но дека тоа е многу помалку од она што го извезувал пред војната преку пристаништето, особено од Одеса.

ОН и некои земји, како Франција и Турција, се за отворање на поморски коридор преку Црното Море, што ќе овозможи продолжување на украинскиот извоз.

Кон крајот на мај, идниот шеф на американските сили во Европа, генералот Крис Каволи, изјави дека Германија воспоставила железнички мост со Украина за да му помогне на Киев да извезува жито што се акумулирало во земјата поради руската блокада.

– Германската железничка компанија сега вади огромни количества жито од Украина преку Полска и пристаништата на северот на Германија за извоз – рече тој.