20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Рубљата продолжи да зајакнува во однос на доларот и еврото

Руската национална валута зајакна денеска на Московската берза на речиси 63 рубли за долар првпат достигнувајќи го нивото на кое беше на почетокот на февруари 2020 година, а во однос на еврото достигна нов петгодишен максимум.

Во тргувањето до 7.23 часот по средноевропско време, рубљата се стабилизира на 63,32 рубли за долар откога претходно го достигна нивото од 62,6250, најсилното од 5 февруари 2020 година. Банките, сепак, нудат многу послаб курс за купување рубли, пренесува „Ројтерс“.

На почетокот на денешната сесија руската валута скокна и во однос на еврото, на 64,9425 рубли, што е нејзин најсилен курс од средината на 2017 година, но подоцна во текот на тргувањето падна 0,8 отсто, на 65,80 рубли за евро.

Според извештајот на агенцијата „Блумберг“, годинава рубљата стана најуспешната валута во светот, поддржана од контролата на капиталот што Русија го воведе кон крајот на февруари за да го заштити финансискиот сектор и да го спречи одливот на девизи поради санкциите на Западот воведени по нападот на Москва врз Украина.

Според њујоршката агенција, од почетокот на годината рубљата во однос на американскиот долар зајакнала повеќе од 11 отсто. На меѓународниот девизен пазар курсот на рубљата пораснал уште повеќе, речиси 12 отсто, го пренесува извештајот српската агенција „Танјуг“.

Зајакнувањето на рубљата беше поттикнато од одлуката на монетарниот регулатор дека извозно ориентираните компании мора да ги претворат своите девизни приходи во домашна валута, а побарувачката за девизи е ограничена бидејќи увозот во Русија опадна поради логистичките нарушувања и острите западни санкции.

Претседателот Владимир Путин во четвртокот го посочи растот на рубљата како пример за добрите резултати на Русија под санкции.

Спонзорирано: