8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

ОН: Човештвото влегува во спирала на самоуништување

Човештвото страда од „нарушена перцепција на ризик“, што нè поттикнува на активности и однесувања што предизвикуваат климатски промени и се поголем број катастрофи ширум светот, предупредија од ОН.

Во новиот извештај, Канцеларијата на ОН за намалување на ризиците од катастрофи открива дека во последните две децении на глобално ниво има меѓу 350 и 500 катастрофи од средни и големи размери секоја година. Тоа е пет пати повеќе од просекот од претходните три децении, се вели во извештајот.

Со оглед на климатските промени, се очекува уште почесто да се случуваат катастрофални настани предизвикани од суша, екстремни температури и разорни поплави. Извештајот проценува дека до 2030 година годишно ќе доживуваме 560 катастрофи ширум светот или во просек 1,5 катастрофи секој ден.

Игнорирањето на огромните ризици со кои се соочуваме го доведува човештвото во спирала на самоуништување, предупредува во изјавата заменик-генералната секретарка на ОН, Амина Мохамед.

„Науката е јасна. Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени оваа година предупреди дека ефектите од климатските промени, од горештини до суши и поплави, ќе станат почести и поинтензивни и ќе ја оштетат природата, луѓето и областите во кои живеат. Игнорирањето на ризикот има висока цена. Катастрофите ширум светот чинат приближно 160 милијарди евра годишно во текот на изминатата деценија“, се вели во извештајот.

Но, најголемиот дел паѓа на земјите со пониски приходи, кои годишно губат во просек по еден процент од својот национален БДП поради катастрофи, во споредба со само 0,1 до 0,2 отсто во побогатите земји.

Најтешко погодени се азиско-пацифичките земји, кои губат 1,6 отсто од БДП годишно, се вели во извештајот.

На пример, на Филипините, милиони луѓе сè уште се опоравуваат од тајфунот Раи што ги опустоши во декември.

Во извештајот се проценува дека уште 37,6 милиони луѓе ќе живеат во екстремна сиромаштија до 2030 година поради влијанието на климатските промени и катастрофи.

Спонзорирано:

Можеби ќе ве интересира

Шефот на ОН за храна: Она што беше бран на глад сега е цунами од глад

M T

ОН: Кина сериозно ги крши човековите права на Ујгурите и другите малцинства

M T

ОН: Светот е во глобална криза со храна

M T

Гејтс: Следната пандемија може да го уништи човештвото

M T

МНР за македонскиот јазик во ОН: Нема индиции што одат во прилог на објавените шпекулации

M T

Турција достави писмо до ОН за промена на името на државата

M T