10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Нов руски ултиматум за бранителите на Мариупол: Предадете се и ќе останете живи

Русија ги повика украинските борци и странските платеници да ја напуштат металуршката фабрика „Азовстал“ во опколениот град Мариупол до пладне по локално време.

„Ги гарантираме животите на сите оние кои ќе го положат оружјето“, соопшти руското Министерство за одбрана. Претходно денеска проруските сепаратистички сили објавија дека се обидуваат да ja заземат „Азовстал“, пренесе РИА, повикувајќи се на портпаролот на сепаратистите Едуард Басурин.

Синоќа американски воен официјален претставник изјави дека Мариупол се чини дека сè уште дава отпор.

„Нашата проценка е дека борбите за градот и натаму траат. Градот е под закана од воздушни напади, ракетни и бомбашки напади и артилерија“, изјавил официјалниот претставник кој побарал да остане анонимен.

Украинските власти побараа од Русија да обезбеди хуманитарни коридори од Мариупол и тамошната фабрика „Азовстал“. „Азовстал“ е еден од најголемите европски металуршки погони. Се протега на 11 квадратни километри и гледа кон Азовското Море.

Окупацијата на Мариупол, главното пристаниште во регионот Донбас, би била стратешка премија за Русија, бидејќи ќе ја поврзе територијата што ја држат проруските сепаратисти на исток со Крим, кој руските сили го анектира во 2014 година.

Од друга страна украинскиот мајор, Серхиј Волјна, командант на 36-та поморска бригада, која и натаму се бори во Мариупол, во отворено писмо побара помош.

„Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај, но нашата лојалност нема да биде доволна за да го ослободиме Мариупол. Треба што поскоро да го ослободиме градот. За да го направиме тоа, ни треба тешко оружје, а ЕУ и САД можат да ги обезбедат“, напиша Волјна.

„Со тешко оружје може да се спасат бранителите на Мариупол. Мариупол може да се спаси. Подготвени сме да се бориме до последната капка крв, но мора да знаеме дека светот направи сè што е можно. Тогаш можеме да направиме невозможни работи за нашата земја“, додава тој.

Спонзорирано: