14.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Она што го видов на полско-украинската граница е длабоко вознемирувачко, рече Османи на панел на Делфи форумот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на Делфи економскиот форум, учествуваше на панелот „Европа после Украина“, заедно со своите колеги од Грција, Словачка и Косово – Никос Дендиас, Иван Корчок и Доника Грвала Шварц.

Како што информираат од ресорното министерство, на панелот се дискутирало за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува европскиот континент, за начинот на менаџирање на кризата, како и влијанието на истата врз севкупните процеси и состојби во европските земји и пошироко.

На почетокот на своето обраќање Османи ги пренел импресиите од неговата вчерашна посета на полско-украинската граница, каде со своите хомолози од тројката земји претседавачи со ОБСЕ, имаа заедничка средба со украинскиот шеф на дипломатија Кулеба и го посетија бегалскиот камп во Корчова.

„Она што го видов вчера е длабоко вознемирувачко. Вчерашните слики се одраз на нешто што е длабоко неморално, спротивно на универзалните вредности на човештвото. Треба решително да се спротивставиме на ова што се случува и да го спречиме и намалиме човечкото страдање“, истакнал Османи.

Министерот воедно го пренел позициите на Северна Македонија за војната во Украина, најостро осудувајќи ја агресијата на Руската Федерација, како еклатантно кршење на меѓународното право, а зборувал и за приклучувањето на сите санкции на ЕУ против Русија.

Тој се осврнал и на одлагањето на формалниот почеток на преговори со ЕУ, нагласувајќи дека интеграцијата на Западниот Балкан е геостратешка инвестиција во европската безбедност.

„Ова претставува извор на системска ранливост и потенцијална закана за безбедноста и стабилноста, чии ефекти се прелеваат на целиот регион, а кои злонамерни актери лесно и вешто го искористуваат“, нагласил Османи.

„Малку е потребно за топката да се фрли во вистинската насока и да се постигне заедничка победа за сите актери кои се дел од процесот, Северна Македонија, Бугарија, регионот на Западен Балкан и ЕУ во целина. Интеграцијата на Западниот Балкан е геостратешка инвестиција во европската безбедност“, додал министерот.

Имајќи ги во предвид геополитичките импликации на војната во Украина, Османи истакнал дека ова се историски времиња кои бараат храбри и навремени одлуки и апелирал до ЕУ итно да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, за време на француското претседателство.

Спонзорирано: