10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Јордан Плевнеш – нов претседател на „Академија Балканика еуропеана“

Македонскиот писател со интернационално реноме Јордан Плевнеш избран е, едногласно, од сите 33 членови од десетте држави на Балканскиот полуостров, за претседател на Академија Балканика еурпеана.

Плевнеш беше предложен од претседателот на Европската акедемија на науките уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор од Кралскиот колеџ од Лондон.

Овој избор следеше по неодамнешното заминување во вечноста на првиот претседател на Акадмијата, Јон Карамитру, избран во Букурешт на 29 октомври 2017 годиона, легендарен балканофил, театарски и филимски деец, прв министер за култура на Романија по падот на Чаушеску.

Првиот состанок на Основачкиот комитет беше организиран во февруари 2017 година во Скопје, во рамките на симпозиумот „Европа и Хамлет – Да се биде или не” со учество на петнаесет познати меѓународни уметници од Балканот, во организација на Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“, каде што беше донесена „Скопската декларација“, која повика на духовно и културно единство меѓу сите балкански народи.

Под мотото „Балканот во срцето на Европа” на 29 октомври 2017 година, во Националниот театар Букурешт е основана Academia Balkanica Europeana – првата културна институција која го третира Балканот како составен дел на нашата заедничката европска цивилизација.

Основачкиот Комитет ги избра првите 33 академици за редовни членови на оваа, кои што потекнуваат од десет земји на Балканот: Романија, Грција, Бугарија, Турција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово.

Досега, за редовни членови на Академијата се избрани: од Романија: Ана Бландијана – поетеса, Жорж Бани – театарски критичар и теоретичар, Матеј Вишњек – драмски писател, романсиер и поет, од Турција: Недим Ѓурсел – романсиер, Бедри Бајкам – визуелен уметник, додека од Албанија се избрани писателот Башким Шеху, режисерот Кујтим Чашку и Васил Толе – композитор. Од Босна и Херцеговина членови на академијата се: писателот и режисер Градимир Гојер, режисерката Јасмила Жбаниќ и визуелниот уметник Марина Финци, од Бугарија писателите Алек Попов и Христо Бојчев, Делија Чаушева – визуелен уметник, режисерката Елена Панајотова, од Србија писателот Владислав Бајац, режисерот Слободан Шијан и композиторката Исидора Жабељан, членка на САНУ, која неодамна почина во Белград. Меѓу другите за редовни членови на академијата се избрани и црногорскиот режисер Бранислав Мичуновиќ, писателката Дорутина Баша и визуелниот уметник Ветон Нурколари од Косово, грчките писатели Анастасис Вистонитис и Јоргос Куљарас, како и македонските автори Алаксандар Прокопиев и Елизабета Шелева.

Основачкиот комитет го редложи изборот на почесните членови: Орхан Памук, добитник на Нобеловата награда за литература, Вангелис – композитор и музичар, Марина Абрамовиќ – концептуален уметник, Светлана Броз, кардиолог и хуманитарен активист и Жан-Патрик Конрад, претседателот на Европската акедемија на науките уметностите и книжевностите. Во духот на познатата изрека на Жан Моне – „Ако сакаме да ја обновиме Европа, мора да почнеме од културата“, Academia Balkanica Europeana има мисија да поттикнува нови врски меѓу балканските уметници, со цел да се промовираат активности и меѓународни културни проекти. Во тој контекст, во овие пет години постоење академија разви широка дејност, која низ темелни потфати ја оправдуваше својата визија дека Балканот е срцето на Европа. Уште во првата година го формира веб-магазинот „The Bridge” (www.bridge-magazine.net), во кој, со свои текстови се застапени цела плејада истакнати балкански уметници и теоретичари. Исто така, академијата секоја година ги доделува признанијата SEE Actor и SEE Legend на Фестивалите на Југоисточна Европа во Париз, Берлин и Вашингтон (SEE Film Festival Paris, Berlin, Washington).

Меѓу досегашните добитници на овие наднационални признанија за животен творечки опус се: Лучијан Пинтилие, Душан Макавејев, Вељко Булајиќ, Раде Шербеџија, Милена Зупанчич, Цветана Манева, Мето Јовановски, Кујтим Чашку и Арта Доброши.

Academia Balkanica Europeana организира бројни симпозиуми во Европа и во светот, посветени на балканските култури, а воедно ги избира добитниците на „Големата повелба Балканот – Срцето на Европа“ на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа.

По изборот на новиот претседател Јордан Плевнеш, отворен е повик за избор на нови членови на академијата од областа на природните и општествените науки (од 5 април до 30 мај 2022 година). Научно-истражувачкиот институт којшто ќе биде формиран од новоизбраните академици ќе работи во четири приоритетни области поврзани со проектот „Отворен Балкан“ – економија, екологија, медицина и обновливи енергетски извори.

Пленарното заседание на Academia Balkanica Europeana која по првото седиште во Букурешт, сега е официјално регистрирана во Скопје, се очекува да се одржи на крајот на јуни и почетокот на јули 2022 година во Македонија.

Спонзорирано: