17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КОРОНАВИРУССВЕТ

Омикрон пристигна и во Шпанија

Шпанија го потврди првиот случај на инфекција со омикрон-сојот кај 51-годишен маж што пристигнал од Јужна Африка преку Амстердам во Мадрид.

Мажот има благи симптоми на болеста и е во изолација за да не ја шири инфекцијата.

Микробиолошката служба на болницата „Грегорио Марањон“ во Мадрид го потврди присуството на варијантата Б.1.1.529 на вирусот, која претставува голем број мутации, а која првпат е идентификувана во Јужноафриканската Република.

„Ова е она што го знаеме за овој вирус: тој се нарекува омикрон и содржи повеќе од 30 мутации“, објави шпанската јавна телевизија TVE.

На патникот му е направен брз тест во неделата по слетувањето на аеродромот во Мадрид, кој покажал дека тој е позитивен на Ковид-19. Здравствената служба сега проверува и контактира со луѓето со кои можеби бил во контакт за време на летот од Амстердам.

Шпанија бара негативен резултат од тестот за сите патници што доаѓаат од Јужноафриканската Република и шест други африкански земји оценети како области со висок ризик.

Во Каталонија два можни случаја на инфекција со омикрон-сојот се проучуваат истовремено кај двајца патници што беа позитивни на тестот на Ковид-19 по слетувањето на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона. Тие пристигнаа од Јужна Африка преку Германија.

Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот предупреди дека ризикот од ширење на овој сој на коронавирусот во светот е висок.

Научниците во моментот се обидуваат да утврдат дали омикрон е отпорен на вакцините и дали е уште позаразен и велат дека сѐ уште е рано да се утврдат ризиците од заразување со овој сој на вирусот.

Повеќето луѓе во Јужна Африка што биле откриени со омикрон имаат благи симптоми на болеста, а тамошната здравствена служба предупреди дека ширењето се случило кај помлади луѓе.

Спонзорирано: